Пожарот во валандовско се гасне само од земја: Хеликоптерите на МВР не можат да полетаат
Пожарот во Валандовскиот регион, и покрај целодневните напори за гаснење, утринава околу 05:00 часот повторно се реактивирал, поттикнат од силниот и топол ветер. Во гаснењето се ангажирани повеќе од 50 лица на терен.
Во моментот е зафатена голема површина, при што пожарот е распространет во два огнени крака:едниот се движи кон месноста Казан дол и Фурка,а вториот кон општина Богданци.
Во 15:12 часот, Градоначалникот на Општина Валандово преку бројот 112, како и по електронска пошта, упати барање до Центарот за управување со кризи (ЦУК) за ангажирање воздушна поддршка.
ЦУК, согласно Стандардно оперативните процедури, го процесуираше барањето и веднаш го упати до Хеликоптерската единица на МВР. Од страна на МВР беше известено дека, поради технички причини, моментално не се во можност да обезбедат хеликоптерска поддршка.
Дополнително, ЦУК достави барање и до Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), но до овој момент сè уште нема одговор. Паралелно, испратено е и барање до Генералштабот на Армијата за можност за ангажирање воздушна поддршка, и се очекува одговор и од нивна страна.
Станува збор за сериозен пожар кој зафаќа голема површина со населени места од расфрлан тип, што претставува потенцијална закана за животот и здравјето на населението, како и за објекти, имот и инфраструктура во регионот зафатен од пожарот.
ЦУК останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и ја следи состојбата на терен со цел координирано и навремено дејствување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа