Пожарот во „Жито Битола“ е локализиран

По четири часа, Локализиран е пожарот што попладневно избувна во старата административна зграда на поранешната фабрика за леб „Жито Битола“. Сепак, пожарникарите наизменично ќе дежураат таму ноќва, до целосно изгаснување на огнот.

Во гасење на пожарот кој беше пријавен попладнево во 17.20 часот, учествуваа 27 пожарникари со 9 возила.

Повредени нема, но причинета е голема материјална штета.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, претходно соопшти дека двајца работници успеале да го напуштат објектот каде сега стопанисува фирмата „Ангро механизација – Жито Битола“ и во чиј состав има пекара, млин и силос.

Коњановски ја известил централната власт, а побара помош и од околните градови за гасење на огнот.

Претходно и полицијата соопшти дека нема пријава за повредени лица во пожарот.

Првичните информации се дека пожарот настанал на кровот на стариот објект, кој целосно е изгорен.

 

 

23.01.2022 - 21:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа