Пратениците ќе расправаат за предлогот Насер Зибери да биде нов народен правобранител

По речиси двочасовна работа на Собранието и по утврдување на дневниот ред на 32. и 30. седница, претседателот на Собранието Талат Џафери отвори претрес по Предлог-одлуката за избор на Народен правобранител.

Предлог одлуката за избор на Народен правобранител е прва точка на дневен ред на 32. седница. За народен правобранител е предложен Насер Зибери. Тој беше предложен за народен правобранител од страна на ДУИ, но против неговата кандидатура застана пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Зибери кој е нотар, беше кандидат за премиер на ДУИ во кампањата за последните парламентарни избори.

Пред да се гласа дневниот ред на 32. седница, Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците предложи да се тргне од дневен ред Предлог- одлуката за избор на Народен правобранител, но не доби поддршка од пратениците.

Тој образложи дека има повеќе причини за тоа, меѓу кои се важноста на институцијата народен правобранител во правниот систем на земјата.

-Ако се има предвид дека сите постапки за избор на народен правобранител беа нетранспарентни и спротивно со функцијата народен правобранител, и ако се има предвид дека станува збор за личност која најмалку треба да се нарече неполитичка, поради фактот што само пред шест месеци беше кандидат за премиер на една политичка партија и поради тоа што денес ни се предлага на една политичка партија на власт, мислам дека оваа точка треба да се симне од дневен ред, изјави Рашиди.

Смета дека треба да се прекине целата досегашна постапка на избор на народен правобранител, да се повтори истата постапка. – Да отвориме вистинска дебата во јавноста со цел да дојдеме до личност која на достоинствен начин ќе ја извршува функцијата, како што му доликува на народен правиобранител, нагласи Рашиди.

На дневен ред на оваа седница се вкупно 48 точки, меѓу кои годишните извештаи за работата на повеќе институции во 2019 година.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.01.2021 - 15:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа