Преостанува уште една недела до крајот на изборната кампања за локалните избори

 Нови градинки, улици, урбани и дигитализирани општини се дел од ветувањата на политичките партии, во рамки на локалните избори. Политичките партии и нивните кандидати и вчера продолжија со промоција на нивните програми за претстојните избори. До крајот на предизборната кампања преостанува уште една недела, по што на 16 октомври следува предизборниот молк.

На изборниот караван „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ, лидерот на партијата Зоран Заев од Кочани синоќа порача дека за нив нема важни и неважни граѓани и општини, а тоа го покажале на дело со над 7000 реализирани проекти во сите општини.

– Народот сака напред, сака слобода и демократија и проекти на локално ниво, повисоки плати и пензии, порача Заев.

Тој додаде дека четири години ја развиваат државата на меѓународен план, додека  општините се развиваат на домашен план, го унапредуваат квалитетот на живот, а расте и животниот стандард.

-Општините, државата, заедно ги поставивме во вистинскиот правец, конечно тргнавме напред, одиме напред и нема дилема, „Најдоброто“ е можно единствено напред“, порача претседателот на СДСМ од Кочани.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа од митингот во општина Бутел го обвини Заев оти пет години ветува влез во Европската Унија.

– И кога Заев ќе каже дека Европска Унија ќе ја донесе во државата, народот точно знае дека не ја говори вистината затоа што ова го кажува пет години по ред и ЕУ е се подалеку од земјава, изјави Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Општина Гази Баба рече дека верува во државата и народот и цели кон создавање иднина за сите генерации.

Пред жителите на Гази Баба тој порача дека ова е борба во која тие веруваат и ја сонуваат, наспроти уривањето на вредностите и кршење на прицнипите.

Од Дебар, лидерот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети вчера порача дека во последните 20 години нивните напори биле насочени кон унапредување на кадри, поради стремежот кон ЕУ.

Ахмети истакна дека изборите не треба да се гладијаторство туку ден на празник, на кој како и до сега ќе се покаже достоинствен и цивилизиран однос.  Тој порача и дека минатото не треба да се заборави но и никогаш да не се повтори.

– Отворивме ново поглавје, Зелената агенда, со добар тим и визија, затоа мора да ја унапредуваме оваа агенда, додаде Ахмети.

Кампањата продолжува и денеска. Караванот „Најдоброто за мојата општина“ предводен од СДСМ ќе биде присутен меѓу граѓаните од Маврово Ростуше, Дебар, Вевчани, Струга, а централниот настан ќе се одржи во Охрид.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презентира кампањата „Создади нова иднина“ во Росоман, Градско, во Чашка, а централниот настан ќе биде организиран во Велес.

Изборните активности од Охрид, Струга, Ресен и Дебарца ќе ги презентира и Движењето „Одлучно за промени“ предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП. Независниот кандидат Петар Георгиевски – Камиказа, поддршан од партијата Левица денеска ќе одржи митинг во Кисела Вода.

09.10.2021 - 10:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега