Превирања во ДУИ: Виси мнозинството во Собранието?

И покрај најавата која доцна синоќа стигна лично од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека Талат Џафери денеска ќе биде реизбран за претседател на Собранието, продолжувањето на конститутивната седница сè уште официјално не е закажано. Собраниски извори велат дека партиите се координираат, но никој не знае кога ќе продолжи конститутивната седница и дали тоа воопшто ќе се случи денеска, јавува „360 Степени“.

Повеќе медиуми уште синоќа јавија дека во ДУИ постои незадоволство од дел од кадровските решенија на лидерот Али Ахмети за новата влада. Револтот, според пишувањата, е најизразен во разграноците на ДУИ во Чаир и во Сарај, а се однесува најмногу на кандидирањето на Артан Груби за вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи.

Според ТВ Алсат-М, вчерашната седница на Централниот совет на ДУИ ја бојкотирале пратениците од Чаир и Сарај, Изет Меџити и Арбен Зибери, а незадоволство од поделбата на ресорите имало и во Струга. Двајцата пратеници наводно најавиле дека нема да учествуваат во гласањето на Талат Џафери за претседател на Собранието и на новата влада.

„360 степени“ се обидел да стапи во контакт со пратениците Меџити и Зибери, со спикерот Талат Џафери, како и со кандидатите за министри Груби и Османи – сите кадри на ДУИ. Но, никој не одговорил на прашањата дали причината за тоа што сè уште не е закажано продолжение на конститутивната седница се внатрепартиските превирања во ДУИ.

Без гласовите на Меџити и Зибери, Талат Џафери не може да биде избран за претседател на Собранието, затоа што Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, заедно со ДУИ и ДПА има вкупно 62 пратеници, а спикерот се избира со 61.

По синоќешниот партиски Централен совет, Ахмети рече дека имало дебата, но и дека сите одлуки се донесени со договор.

„Мнозинството на Централниот одбор ги прифати овие кандидати кои се предложени. Сите се овде од ограноците, нема партија која што нема дебата за овие прашања. ДУИ секогаш е транспарентна и на крај сите ја поддржаа одлуката која е добиена со мнозинство. Нема вознемирувања, природно е овие прашања да имаат дебата до последен момент. Сите заседанија на партиски тела се во присуство на медиумите и транспарентни“, истакна Ахмети.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.08.2020 - 13:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега