Продолжува предизборната кампања: СДСМ денеска се во Штип и Ѓорче Петров, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посетат општините Василево, Босилово и Ново Село

Правда за сите, администрација по европски стандарди, сигурност, просперитет, борба против корупцијата и криминалот, обнова на правосудството, подобар живот за младите, реформи во образованието, ова синоќа им го ветија политичките партии на граѓаните во рамки на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули.

Партиите своите изборни програми и денеска ќе ги претстават на средби со граѓаните, согласно здравствените протоколи. СДСМ и Коалицијата „Можеме“ се во Штип и Ѓорче Петров, а ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата за „Обнова на Македонија“ ќе ги посетат општините Василево, Босилово и Ново Село.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев синоќа од граѓанската трибина во Чаир порача дека заврши времето на груевизмот и национализмот.

– Заврши лажниот патриотизам. Живееме во 21 век, во ера на глобализација и дигитализација. Граѓаните ќе поддржат сериозна опција која гарантира европска иднина, ќе поддржат политичари кои носат храбри одлуки за доброто на сите, а ние покажавме дека патот по кој чекориме е вистинскиот и по него ќе продолжиме – правда, економија, екологија, спорт, единство, пријателство. Друг пат нема, друга алетрнатива нема, рече Заев.

Заев се осврна на досега сработеното и најави победа на изборите. Тој од Чаир упати порака и до младите – да не расмислуваат за надвор.

-Останете дома, јас ќе се борам, сите заедно ќе се бориме. Овде е предизвикот, овде ќе бидат реформите, овде ќе се европеизира државата, тука ќе се подигнуваат стандардите. Тоа е патриотизам. Се што направивме досега, секој ризик и храбра одлука беше за младите, за вас, за следните генерации. Ќе создадеме амбиент кој е веќе почнат, но тој амбиент ќе биде уште поуспешен за да ги вратиме и оние што заминаа, подвлече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој беше во Крушево, рече дека овие избори се историски бидејќи, како што рече, треба да се трасира иднината на македонското поколение, но и да се обели образот на нашите предци.

– На 16 јули, пак, сите заеднички ќе ги засукаме ракавите и ќе ја кренеме нашата држава од пепелта во која што ни ја оставија Заев и СДСМ, истакна Мицкоски, кој ја обвини власта за национално предавство, за криминал и корупција.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети синоќа од Дебар побара масовна поддршка од граѓаните за Северна Македонија да го добие првиот премиер Албанец.

-Со вашата масовна поддршка, како и досега, ќе ја оствариме и оваа идеја, Северна Македонија да има прв премир Албанец. Убеден сум дека нема сила која ќе ја запре идејата на ДУИ. Не можам да ги разберам Заев, Мицковски и други лидери на партии, зошто не може да ја поддржат идејата и ние да станеме дел од напредокот на оваа земја. Треба да знаат дека сонот за прв премиер Албанец ја зголемува довербата меѓу заедниците, порача Ахмети.

Според него, премиерот Албанец нема да работи само за Албанците, туку за сите етнички заедници во оваа земја, за нејзиниот напредок во секој поглед. Посочи дека неговата партија не се занимава со навреди кон другите и додаде оти потребно ни е заедништво за остварување на европскиот сон и развој на државата што ќе обезбеди подобри услови за сите, посебно за младите да останат тука.

Пред дебрани се обрати и кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери.

– Нашата визија е праведна, таа визија е за сите, без оглед на национална, верска или партиска припадност. Ова е една голема одлука на лидерот на ДУИ која сум убеден дека ќе стане реалност со што ќе го урнеме и последниот бастион за рамноправност, зашто не земаме ни грам од никого, туку го реализираме она што ни припаѓа, рече Зибери.

Партиите и денеска продолжуваат со изборните активности. Носителите на кандидатските листи ќе посетат повеќе општини и ќе се сретнат со граѓаните. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.07.2020 - 08:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега