„Проект Скопје“ повторно ќе ги обедини светските архитекти

Светските архитекти од Јапонија, Холандија и САД, 55 години по планот на Кензо Танге за Скопје, повторно во Скопје ќе разговараат за моќта на архитектурата и урбанизмот. Со тридневниот „Проект Скопје“, кој ќе се оддржи од 21 до 23 октомври годинава, Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ќе продолжи со одбележување на 70 годишнината од своето основање и 55 годишнината од донесувањето на планот за реконструкција на центарот на градот Скопје.

По разорниот земјотрес во 1963 година, кој остави повеќе од 80% од зградите во урнатини, Обединетите Нации вложиле исклучителен напор за реконструкција и редизајн на Скопје, поканувајќи во обновата да се вклучат голем број светски архитекти, меѓу кои Кензо Танге од Јапонија, Јап Бакема и Ван ден Брук од Холандија како и Константин Доксиадис од Грција. Нивните проекти биле потврда на идејата дека модерните градовите и општествата можат да бидат проектирани и реконструирани преку идеи и концепти кои се својствени на архитектурата и урбанизмот, а притоа и се длабоко хуманистички.

Точно педест и пет години по изработката и усвојувањето на планот за реконструкција на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во Скопје ќе гостуваат со свои предавања архитектите Реинер де Граф од ОМА студиото од Холандија и Су Фуџимото од Јапонија, како и проф. Чарлс Валдхајм од Харвард универзитетот во САД.

„Основната цел на проектот „Скопје“ во 2020 година е да ја преиспита моќта на архитектурата и урбаниот дизајн како двигатели на реконструкцијата на општествата и градовите ширум светот. Проектот за Скопје беше одлична можност за светските архитекти од тоа време, на покана на ОН, да создадат навистина светски проект кој ќе ги промовира универзалните хуманистички вредности создадени низ архитектурата. Овој процес беше реализиран низ блиска соработка на врвните архитекти од целиот свет за создавање на светската визија за Скопје“ - вели проф. Д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет.

На „Проект Скопје“, посебни предавања ќе имаат и еминентните професори, Хаџиме Јатцука од Токио, инаку експерт за делата на Кензо Танге, Дирк ван ден Хувел од Холандија, експерт за делото на архитектот Јап Бакема, Дебора Хаупман од САД, Инес Толиќ од Италија и професорката Анета Христова Поповска од Архитектонски факултет при Универзитетот Св, Кирил и Методиј од Скопје која ќе говори за делото на професорот и архитектот Живко Поповски.

„Во октомври, после повеќе од половина век, светските архитекти повторно ќе размислуваат и дискутираат за Скопје, но сега не само како за град кој треба да се обнови, туку како парадигма и модел за соработка во создавањето на праведно општество и одржливи градови, нешто што се покажува како особено важно и во актуелната состојба во светот“. – вели организаторот на настанот, деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина. Настанот се организира во соработка со Домејн студио од САД.

Повеќе за „Проект Скопје“ може да дознаете на theskopjeproject.com

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.07.2020 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега