Путин: Работиме на ослободување на заложниците во Газа

Рускиот претседател Владимир Путин им рекол на лидерите на руската еврејска заедница дека Москва постигнала конкретни резултати во дипломатските напори за ослободување на заложниците во Газа, пренесуваат руските новински агенции.

Новинските агенции објавија дека Путин ова го кажал на средбата со главниот руски рабин Берл Лазар и со шефот на Федерацијата на еврејските заедници Александар Бород. Путин рече дека Русија ги искористила своите контакти со политичкото крило на Хамас.

Израел ја започна својата воена офанзива откако милитантите од Газа, управувани од Хамас, го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа 253 заложници.

„Знаете, бидејќи ситуацијата стана понапната на Блискиот Исток, Русија прави се за да им помогне на заложниците“, го цитираат руските медиуми зборовите на Путин.

„Како што е познато, нашето Министерство за надворешни работи работеше преку политичкото крило на Хамас и, генерално, имаше конкретни резултати“ - додал рускиот претседател, но не даде детали.

Русија, која се приближи до Иран по инвазијата на Украина пред речиси две години, ја повтори својата поддршка за палестинската државност и ја критикуваше израелската офанзива во Појасот Газа.

Москва изјави и дека насилството на Блискиот Исток е одраз на неуспехот на американската политика во тој регион.

Путин рече дека напорите на Москва се насочени кон помош на руските граѓани, но и на „старите луѓе и членовите на нивните семејства кои го преживеале Холокаустот“.

Повикувањето на Путин за преживеаните од Холокаустот дојде еден ден откако руското Министерство за надворешни работи ја критикуваше израелската амбасадорка Симона Халперин за нејзините „непримерни изјави“ за рускиот весник Комерсант.

Халперин во интервју рече дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го минимизира холокаустот и дека Русија е премногу пријателска кон Хамас.

08.02.2024 - 09:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега