Рама: „Ако Балканот не може во ЕУ, може ЕУ на Балканот"

Ако Западен Балкан не може да дојде во Европската унија, можеби ЕУ може да дојде на Западен Балкан.

Тоа го напишал премиерот на Албанија, Еди Рама, во авторски текст за бриселскиот портал "Политико".

Како што оценил, постојат конкретни чекори кои можат да се преземат веднаш, ЕУ може да воспостави механизми на соработка кои ефикасно воспоставуваат некои од двонасочните предности на членството, а да не предизвикаат огорчување кај оние кои се противат кон пристапувањето на земјите од Балканот. Со таа цел, истакнува Рама, ЕУ може економски да го поддржи регионот преку својот Економски и инвестициски план за Западен Балкан, за кој веќе се одредени неколку проекти.

Додава дека мора да се направи повеќе, посебно за да се обезбеди регионот во целост да учествува во дигиталната и зелена транзиција на ЕУ.

"Овие транзиции се неопходни за целосно учество во европските економии или ризикуваме да бидеме изоставени", навел Рама.

ЕУ, исто така, може да ни помогне да ги задржиме нашите најбистри умови со заеднички програми на високо образование и интеграција во образовниот систем на ЕУ, за младите луѓе да можат да пронајдат подобри можност дома, нагласил Рама.

"Земјите од Западен Балкан би можеле да бидат вклучени во плановите на ЕУ за вонредни ситуации, бидејќи заедно се соочуваме со потенцијално разорна енергетска криза која би можела да поништи години напредок во регионот, мораме да обезбедиме нашите граѓани да не останат загрозени", напишал тој.

"Конечно, ЕУ може да преземе практични чекори, за побрзо да имплементираме четири слободи на ЕУ, слободно движење на стока, капитал, услуги и луѓе во Албанија, Македонија и Србија", навел премиерот на Албанија. Тоа е нешто што сите земји од Западен Балкан мора да го направат ако сакаме да се приклучиме на единствениот пазар, а Светската банка кажа дека тоа би можело да додаде 10 проценти на БДП на сите овие земји, истакнал тој.

Според неговите зборови, овие три земји овој напор го нарекуваат Иницијатива "Отворен Балкан" и тоа е нешто што веќе е започнато во духот и принципите на Берлинскиот процес.

"Се надеваме дека ќе започнеме со слободно движење на стоката во јануари 2022-ра година и ќе ги отвориме нашите граници до јануари 2023-та", нагласил тој.

Се подразбира дека "Отворен Балкан" е отворен за сите земји од Западен Балкан кога ќе одлучат да се приклучат, нагласил тој.

Сакаме резултати, да извршиме реформи и нашите луѓе да добијат бенефиции, додал Рама.

Како нации од Западен Балкан мораме да гледаме во својата иднина, не во иднината која никогаш не се остварува, туку во иднината која можеме да ја контролираме, заклучил премиерот на Албанија.

25.10.2021 - 22:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега