Реџепи: Џафери да не дава политички изјави - седница за рушење на Владата ќе има

Пратеникот на Алтернатива му порача на спирекот Талат Џафери да не игра политички игри и да го почитува Уставот и Деловникот. 

– Џафери може да дава политички изјави, но таа не е правно издржана. Неговата изјава правнички ќе се толкува. Во партијата наскоро пратениците на Алтернатива ќе ги стават потписите на новата иницијатива за гласање на недоверба на Владата и потоа во координација со ВМРО-ДПМНЕ ќе ја доставиме до пратеничките групи – вели Реџепи.

Деловникот на Собранието и Уставот на Република Македонија дозволуваат поставеното прашање за гласање на Доверба на владата да биде повлечено пред да почне седницата. Само кратко пребарување низ Деловникот лесно го потврдува тоа. Законодавецот во овој акт со кој се организира работата на Собранието дури одделил и посебен член за постапката за повлекување на ова прашање.


„Прашањето за доверба на Владата  може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која ќе се расправа по прашањето за доверба на Владата. “ – се вели во ставот 5 од членот 214 во собранискиот Деловник.
Правилото пак според кое во наредните 90 дена не може да се постави ново прашање за Доверба на Владата е уредено во Уставот.  Ова е членот 92 од највисокиот правен акт во Македонија

„Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието. Собранието може да изгласа недоверба на Владата. Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба. Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници. Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.“ – се вели во членот 92 од Уставот.

Во самиот член 92 од Уставот јасно стои дека нова седница не може да се одржи пред да истечат 90 дена но од одржаното гласање. Доколку пратениците согласно член 214 од Деловникот го искористат своето деловничко право и ја повлечат инцијативата, тогаш не може да има гласање во Собранието што значи дека не може да се исполни условот кој забранува во наредните 90 дена повторно да се отвори тоа прашање.

10.11.2021 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега