Ременски: Оставка ќе дадам кога другите пратеници со кривични ќе го сторат истото

Пратеничката Фросина Ременски откако даде исказ во Кривичниот суд пред судија на претходна постапка за случајот „Рекет“, во изјава за медиумите рече дека не чувствува вина и оти очекува Обвинителството да го докаже тоа што и го става на товар. Се додека не биде докажана вина со правосилно судско решение, вели, таа е невина.

– Сакам да направите разграничување помеѓу случајот „Рекет“, воден против тројцата осомничени за кои денеска Обвинителството најавува истрага во однос на делување на Меѓународниот сојуз, рече Ременски на излегување од судот и додаде дека не чувствува вина.

На новинарско прашање како го коментира соопштението од Јавното обвинителство во кое стои дека помагала и овозможила да се стекне впечаток во јавноста дека можат да се извлечат пари благодарејќи на контактот со извршната власт, Ременски истакна дека, освен тоа, Обвинителството немало друг доказ пред судот во делот на аргументацијата.

– Јас ќе очекувам Обвинителството да го докаже тоа што ми го става на товар, рече Ременски. Тука сум, додаде Ременски, за сите прашања во иднина и на органите и на вас како новинари.

Таа рече дека преголемото прејудицирање на инволвираност на политичари од страна на пристрасни медиуми во изминатиот период, без притоа, како што посочи, од неа како прозвано лице да се побара информација и изјава, го чувствува како лицитирање за некаква инволвираност и вклучување на политичар во целиот процес.

Затоа, рече Ременски, ќе се воздржам од сите коментари што се однесуваат и во делот на етиката на известувањето на новинарите по однос на мојата улога или што било поврзано во изјавите во медиумите со мене, затоа што одговорно тврдам со исклучок на дел професионални медиуми, многу од нив не ги почитуваа основните етички правила за известување во новинарството.

– Се прејудицираше вина, се ставаа на товар работи кои немаа никаква допирна точка, ниту доказ со ова што го гледаме денеска и затоа мислам дека ќе биде прилично несимпатично јас сега да ви се правдам за некои информации кои вие претходно сте ги прејудицирале во јавноста, рече Ременски.

На прашање како ја коментира изјавата на премиерот Зоран Заев дека може да ја исклучат од партијата и од сите функции, Ременски рече дека СДСМ има етички кодекс на однесување на функционерите и оти се потписници на изјави на тој кодекс.

– Тоа значи замрзнување на сите функции во партијата. Јас сум член на ИО во СДСМ и како одговорен општественик, интелектуалец и професионалец секогаш сум почитувала изјави што ги потпишувам. Ќе ја почитувам секоја одлука на партијата што ќе значи давање можност и период да не се дава политички контекст на целокупниот процес и секако можност да нема пристрасно влијание во каква било друга конотација во овој процес, рече таа.

На прашање за можноста за одземање на пратеничкиот имунитет, Ременски рече дека според Законот, на пратеник може да му се одземе имунитет во случај на определување мерка притвор по одлука на две третини пратеници во Собранието.

– Не би ги коментирала таквите шпекулации затоа што такво нешто нема, истакна таа.

Ременски рече дека се додека не биде докажана вина со правосилно судско решение секој е невин.

– Мислам дека можеби има добра шанса сите пратеници во Собранието кои се во некакво својство пред органите на правосудството, доколку се договориме, колективно да поднесеме оставки. Ама сите, рече таа.

Ременски истакна и дека воопшто не му е лута на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Во погрешен контекст ја пренесувате изјавата на премиерот Зоран Заев во однос на прашањето во делот на партиската функција, а не и во делот што значи оградување. Секој граѓанин независно на која политичка партија припаѓа, има право да се брани пред суд. Тој што докажува нешто треба да го докаже, а сите ние треба да имаме доверба и верба во процесот во институциите, меѓусебна почит по однос на квалификациите што ги даваме, рече Ременски.

Таа истакна дека изјавата на премиерот Зоран Заев не ја протолкувала во негативна конотација. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.10.2019 - 12:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега