Русија: Автобус со рудари излета од патот - 13 загинати
13 лица загинаа, а 20 се повредени кога автобус што превезувал рудари излета од патот и падна во провалија во регионот Јакутија на истокот на Русија, соопштија денеска локалните власти.
Несреќата се случила синоќа по 18 часот, односно околу три часот изутрина по локално време. Според Министерството за внатрешни работи на регионот, возачот ја изгубил контролата над возилото, по што автобусот паднал во провалија длабока околу 25 метри.
Инцидентот се случил на индустриски пат кај рударско-преработувачкиот комбинат „Денисовски“, кој се занимава со ископ и преработка на јаглен.
Против одговорните е покрената кривична постапка за занемарување на безбедноста. Индустриски несреќи од ваков тип се чести во Русија, главно поради слабите безбедносни стандарди.
Локалните власти го прогласија 22 јули (вторник) за Ден на жалост.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа