Саботковски: Индустриската зона во Могила ќе профункционира

Гарантирам дека индустриската зона „Петилеп“ конечно ќе профункционира, ќе создадеме нови работни места, преку привлекување  домашни и странски инвестиции, порача Драганчо Саботковски, кандидат за градоначалник на општина Могила на вечерашниот митинг.

Тој истакна дека како иден градоначалник ќе се залага за реализација на проекти кои ќе придонесат за економски развој на општината, развој на комуналната и патната инфраструктура, подобрување на условите во образованието, грижа за младите и развојот на спортот и културата.

Посочи дека негов приоритет ќе биде изградба на градинка во село Могила, отворање центри за ран детски развој во поголемите населени места, уредување на училишните дворови, реконструкција на фасадите и поставување на систем на ефикасно затоплување во училиштата.

– Вложувањето во образованието е вложување во иднината на децата, општината ќе ги наградува најдобрите ученици, студенти и спортисти.Младите ќе бидат вклучени во работењето на општината, младинскиот активизам ќе биде видлив, ќе бидам достапен за прифаќање на сите корисни идеи и сугестии за пофункционална општина Могила, истакна тој.

Саботковски вети дека се обврзува за изградба на спортска сала, изградба на повеќенаменски игралишта во повеќе населени места, целосна финансиска поддршка за сите спортски клубови, турнири во мал фудбал, здруженија и детски школи. Парковите, наведе, ќе се уредат со детски катчиња и фитнес зони за младите. Како што рече, нема да се заборават и пензионерите, ќе се обезбедат и услови каде пензионерите ќе организираат активности за меѓусебно дружење.

На митингот во Могила, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача на 17 октомври граѓаните да гласаат за број 7, посочувајќи дека тоа е патека на реформи, визија, стратегија и иднина. Ситуацијата, наведе, е сериозна бидејќи власта претера.

– И ќе дојдат и ќе ви кажуваат како биле најдоброто наместо да ви се извинат. Ќе ви кажам неколку примери кои ги слушнав, ќе почнам од Ресен, тие се во ек на јаболкоберот, зборуваме како е ситуацијата со откупот, велат никогаш полошо, 2 денари е килограм и велам што ви рече Заев, велат ништо дојде тука со новото возило кое чини 100 илјади евра или колку 3 милиони килограми јаболка. Иста е маката и на лозарите и на оризопрозиводители, посочи тој.

Дополни дека ќе има одговорност, и, како што кажа, волкот влакното го менува, ама карактерот не, затоа рече, потребна ни е нова иднина, со проекти каде ќе победуваме.

01.10.2021 - 20:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега