САД евакуираше над 200 Авганистанци кои им помагаа на американските трупи

Повеќе од 200 Авганистанци кои им помагаа на американските сили за време на воената операција во нивната земја, денеска беа пренесени во САД.

САД планираат да евакуираат десетина илјади авганистански преведувачи и друг персонал, кои соработуваа со американската армија. Се евакуираат и членовите на нивните семејства. На вчерашниот лет за САД беа и 57 деца и 15 бебиња.

Претседателот на САД, Џо Бајден изјави дека е горд на евакуацијата на американските соработници.

– Сакам да им се заблагодарам на овие храбри Авганистанци што беа со САД и денеска сум горд што можам да им кажам: Добредојдовте дома, посочи Бајден.

Евакуацијата на Авганистанците, кои се плашат од одмазда на талибанските бунтовници поради соработката со Американците, укажува дека САД не се сигурни дека авганистанската армија ќе може да се справи со своите противници откако последните американски војници ќе се повлечат од Авганистан за неколку недели.

САД планираат да го завршат повлекувањето на своите војници од Авганистан до септември, а евакуација на соработниците пред тоа.

Талибанците, кои ги интензивираа нападите од почетокот на повлекувањето на НАТО и американските сили од Авганистан, соопштија дека нивна цел нема да бидат оние кои работеле за интересите на САД и на Западот.

31.07.2021 - 10:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа