Сајкоски: Нашиот став е непроменет, уставни измени под вакви околности нема да има
„Во контекст на принципиелност и она што го работиме како ВМРО-ДПМНЕ можам да истакнам дека нашиот став е непроменет и она што го кажавме првично. И нашиот став е дека ние како политички субјект сме единствениот браник за заштита на македонскиот национален идентитет и заштита на македонскиот народ. И ние укажавме уште на почеток дека ваквите ставови, ваквите размислувања, и ваквиот предлог што сега го имаме на маса е неприфатлив за нас“, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.
Сајкоски додаде дека заложба на ВМРО-ДПМНЕ од самото формирање на партијата е влез во ЕУ и НАТО.
„Затоа проактивно појдовме на средбата што беше на покана од премиерот Ковачевски и претседател на СДСМ и сакавме да појдеме со конкретни предлози, со предлози кои што ќе го подобрат начинот и условите за влез во ЕУ. Нашите заложби како политички субјект од формирањето на партијата се влез во Европска Унија и влез во НАТО пред сите политички субјекти во Република Македонија. И затоа сега сакавме проактивно, сакавме на начин онаков каков што заслужуваат граѓаните на Република Македонија да ги ослободиме од притисоците и да направиме еден исчекор во насока за да имаме побрз влез во ЕУ“, рече тој.
Тој посочи дека Ковачевски сакаше да поентира со ситни политички поени преку кратење и извртување на реченици на претседателот Мицкоски.
„Ние сме сведоци на процеси каде што едно се ветуваше од страна и на домашниот и на меѓународниот фактор, а друго се испорача“, потсети Сајкоски.
„Ние сме сведоци дека во 2017-та година се потпиша еден договор за пријателство, соработка. И на самата прес конференција тогашниот премиер на Бугарија, Борисов истакна дека со овој договор се гарантира за Македонија дека нема никакви пречки ни за влез во НАТО, и ни за влез во ЕУ, дури и се понуди дека премиерот на Република Бугарија ќе биде гарант на процесот за влез на Македонија во ЕУ. И ние денес гледаме дека наместо да бидат најголем поддржувач како што се претставуваа, наместо да бидат братска земја која што ќе го следи процесот и ќе даде поддршка во процесот, ние гледаме дека денес Бугарија ние најголемиот кочничар“, појасни Сајкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа