СДСМ бара разрешување на Трајко Вељаноски

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Игор Ивановски, денеска најави дека ќе предложат одлука за разрешување на Трајко Вељаноски од функцијата претседател на македонското Собрание. Пратениците на СДСМ бараат и итно организирање на надзорна расправа за нарушување на пресумпцијата на невиност, злоупотреба на притворот, загрозувањето на правото на изразување и медиумската слобода, а ќе побара и одржување на посебна седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Според Ивановски, пратениците од СДСМ бараат разрешување на спикерот Вељаноски бидејќи, сметаат дека тој упорно го прекршува Уставот, законите и Деловникот, и свесно и директно работи на штета на угледот на институциите и правната држава.

СДСМ бара надзорната расправа итно да се спроведе во Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците и да биде водена од пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија ќе бараат на надзорната расправа да присуствува премиерот Никола Груевски, претседателката на РСС Александра Зафировска и членови на ова тело, министерот за правда Блерим Беџети и неговиот заменик Билјана Бришковска-Бошковски, евроамбасадорот Аиво Орав, новинари и други.

-На 17.10. ПГ на СДСМ и НСДП, согласно член 185 став 1 од Деловникот на СРМ поднесоа цитирам „Информација за активностите на Владата и владините органи на Република Македонија за погазување на уставното начело на пресумпција на невиност и злоупотреба на притворот, како резултат на што Република Македонија станува држава на политички прогон и политички затвореници“, рече Ивановски. Тој го обвини Вељаноски дека четири дена одбива да ја стави на дневен ред, со образложение во кое бара да биде сменет насловот на Информацијата бидејќи прејудицирал заклучок и имал навредливи формулации за угледот на институциите на државата.

Пратениците на СДСМ во Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, ќе побараат одржување на посебна седница на ова тело на која ќе се разговара за, како што рече Ивановски, вчерашното оневозможување на уставно загарантираното право за протест и слобода на изразување. Пратеничката група на СДСМ, според него, нема да дозволи да биде спречена дебата во Собранието.

24.10.2013 - 15:51

најчитано сега