СДСМ: Граѓаните се уште плаќаат за криминалните зделки на ДПМНЕ
-Скапи и долгорочни се штетите што ДПМНЕ ги стори со неколкугодишното криминално владеење на Град Скопје, велат од СДСМ утрово во писмено соопштение испратено до медиумите.
„И неколку години по падот на режимот, граѓаните и државата се уште плаќаат за криминалните зделки на ДПМНЕ. За проектот „Шпански Скали“ дел од мегакриминалниот проект Скопје 2014 државата се наоѓа пред меѓунардона арбитража, каде тужителот побарува оштета од најмалку 130 милиони евра.
За овој проект пред домашните судови се води кривична постапка, каде еден од обвинетите е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Свои побарувања има и италијанската компанија ФЛЦ Амбиенте, за партнерството во ЈП Дрисла кое пропаднало по неколку пресуди на Управниот и Вишиот управен суд.
Идеен на творец на поништениот тендер е поранешниот градоначалник на Град Скопје од редовите на ДПМНЕ, Коце Трајановски.
Државата, граѓаните, плаќаат пенали и заради проектот Бас рапид транзит, кој Данела Арсовска само заради лични каприци го прекина“, се вели во реакцијата на владејачката партија.
„Ете што значи владеењето на ДПМНЕ со главниот град - колапс на услугите, безидејност и криминални тендери поради кои државата со години е заглавена во судски лавиринти. Наместо на проекти и развој, државата троши милиони евра за одбрана на нејзините интереси пред меѓународните судови. Така владееше ДПМНЕ со Скопје, така владее и денес. Нема проекти, нема развој, нема функционални градски институции, но затоа има криминални тендери и кавги за тоа чии раце се фатени во медот“, додаваат оттаму.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа