СДСМ ја почна постапката за кандидирање лидер на партијата, ДУИ смета дека Заев треба да почека со оставката за премиер

Во исчекување на окрупнување на парламентарното мнозинство, во владејачката СДСМ почна постапката за кандидирање за претседател на партијата, откако социјалдемократите во петокот ја утврдија оставката на претседателот на партијата Зоран Заев и беа распишани внатрепартиски избори по пат на непосредно гласање, што ќе се одржат на 12 декември. ДУИ, пак, со став дека ги поддржува внатрепартиските избори на СДСМ но смета оти Заев треба да почека со оставката од премиерската функција и е против предвремени избори.

Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе се кандидира за лидер на партијата. – Во рокот од седум дена, ќе подготвам програма и ќе поднесам кандидатура за претседател. СДСМ е партија со најголем кадровски потенцијал и има поголем број истакнати членови кои би биле одлични кандидати. Постапката е демократска и секој што ги исполнува условите може да се кандидира. Она што е најважно, сите треба да се обединиме околу избраниот претседател, изјави Ковачевски „Фокус“.

Првиот вицепремиер Артан Груби вчера рече дека ДУИ ќе ја почитува внатрепартиската одлука на СДСМ за избор на нов претседател кој е најавен дека ќе биде избран на 12 декември. Тој рече дека тоа е внатрешно партиско прашање на СДСМ што тие го почитуваат и нагласи дека им посакува голем успех на 12 декември на внатрепартиските избори за партиски лидер.

– Ние ќе ја почитуваме таа одлука и ќе го прифатиме секако вердиктот на сите нивни членови коишто ќе одлучат кој ќе биде нивниот следен лидер на 12 декември. Во однос на оставката на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија сметаме дека за тоа треба да се почека. Имаме многу битни прашања пред нас во месеците коишто следат и сметаме дека заедно со Заев на чело на таа Влада ќе треба да ги заокружиме сите тие процеси, вклучително и испраќање на позитивен одговор на сите прашања коишто се дел од дијалогот со соседна Бугарија за да се откочи патот кон добивање на датум за првата меѓувладина конференција и отпочнување на преговори за членството во ЕУ, рече Груби, кој заедно со европратеникот Илхан  Ќучук го посетија ОУ „Исмаил Ќемали“.

28.11.2021 - 11:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега