СДСМ: Освоивме повеќе гласови на советничките листи – паднаа во вода најавите на Мицкоски за ново парламентарно мнозинство

Владејачката СДСМ реагира дека уште еднаш се потврдило оти најавите за ново мнозинство од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се нереални и нечесни кон граѓаните.

-Денеска тие паднаа во вода.Го лажеше Мицкоски народот до само пред три дена дека има ново мнозинство и еве ја вистината јавноста ја гледа денеска. Кога ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се повикуваат на изборните резултати, еве им ја математиката. Партиите од владината коалиција на советничките листи овие избори освоија над 419.180 гласови, што е за 19.090 повеќе од гласовите на партиите од опозицијата. Или изразено во освоени советнички мандати, СДСМ и владината коалиција имаат 664 советнички места, што е 61 повеќе од советничките места кои ги освоија ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, се вели во реакцијата од СДСМ.

Според партијата, парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.

-Христијан Мицкоски не може да направи парламентарно мнозинство бидејќи има опасни планови за државата. Во име на гласовите на граѓаните кои ги освои владината коалиција кои се повеќе од гласовите на опозицијата, во име на нужноста земјата да продолжи напред во решавање на последиците од пандемијата и во соочување со енергетската криза, во име на потребата да ги вложиме сите напори да ги почнеме преговорите со ЕУ, ова парламентарно мнозинство нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори. СДСМ, коалицијата и демократското мнозинство граѓани нема на бранот на еуфоријата да му дадат на Мицкоски поголема власт од оваа која ја освои на локалните избори. Државата е многу поважна од разулавеноста на Мицкоски и неговата желба за власт, велат од СДСМ.

Оттаму посочуваат дека на граѓаните им е потребна Влада која испорачува резултати.

-На граѓаните им е потребна Влада која испорачува резултат, особено во време на пандемија и енергетска криза, Влада која има евроатлански курс на дејствување и која нема да го закочи евроинтегративниот процес.СДСМ и коалицијата нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го поништуваат Договорот од Преспа, да не втурнат во нови кавги со Грција и другите соседи, да не внесат во конфликт и внатрешна омраза и да поништат сѐ што постигнавме заедно во овие четири години, се вели во реакцијата од владејачката партија.

03.11.2021 - 15:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега