СДСМ: Поскапуваат комуналните давачки (ФОТО+ВИДЕО)

„Она коешто пред извесно време го најавивме, деновиве се обвистини: прилепските јавни претпријатија „Комуналец“, „Водовод и канализација“ и ЈП ПУП Прилеп, драстично ги зголемија цените на услугите“. Ова денеска го соопшти, Зоран Пачешкоски  - Претседател на ОО СДСМ Прилеп. 

„Од први октомври поскапува водата за пиење, како и услугата за прочистување на отпадните води. Од први октомври поскапува градскиот превоз, а се зголемува и цената на услугата за вршење школски превоз на учениците и наставниците. Од први октомври, граѓаните на Прилеп ќе плаќаат повисоки цени за собирање на отпадот и за одржување на гробните места во старите и новите градски гробишта“ истакна Пачешкоски на денешната прес-конференција.

„Градот никогаш не бил повалкан, а цените на услугите на „Комуналец“ никогаш повисоки. Својата неспособност да го менаџира ова јавно претпријатие, директорот Рубин Абрашоски ја покрива посигајќи директно во џебот на граѓаните.

За повеќе од 60 отсто поскапува цената за подигање на отпад кај домаќинствата, правните лица, училиштата, верските објекти. Тоа значи дека ако за сметките на „Комуналец“ едно семејство досега плаќало 600 денари, од следниот месец, за истите услуги ќе треба да плати 1.000 денари или и нешто повеќе.

Благодарение на ВМРО ДПМНЕ и Градоначалникот Борче Јовчески, и нивното недомакинско и некадарно работење, секое семејство во Прилеп ке плаќа најмалку 12000 денари повеќе на годишно ниво за услугите на јавните претпријатија“, кажа Пачешкоски .

„Многу пати досега укажувавме дека неработењето на директорите на прилепските јавни претпријатија и вработувањето на нивни блиски роднини и на партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ, ќе предизвика финансиски колапс во институциите“, додава Пачешкоски од СДСМ Прилеп.

24.09.2022 - 12:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа