СДСМ: Речиси 69.000 членови во недела ќе избираат претседател на првите директни, внатрепартиски избори

Речиси 69.000 членови во недела, 21 март, ќе избираат претседател на СДСМ на првите директни, внатрепартиски избори, соопштија од партијата.

Од СДСМ наведуваат дека се преземени сите неопходни мерки за уредување на гласачките места согласно со препораките за здравствена заштита од КОВИД 19 и дека целиот изборен процес на денот на гласањето ќе се одвива по строго утврдени протоколи за заштита од коронавирусот.

Изборите ќе се спроведат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 08 до 19 часот.

Централната изборна комисија го потврди и го затвори Избирачкиот список, на кој се пријавени за гласање 68 999 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и протоколи за заштита на здравјето на сите учесници.

Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе можат да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на претседател во својата општина на соодветно гласачко место.

Членовите што гласаат, со себе задолжително треба да ја има електронската членска картичка на СДСМ и важечки личен документ за идентификација (лична карта или пасош).

Гласањето на болни и немоќни е овозможено, еден ден порано, односно во сабота на 20.03.2021 година.

Информација за текот на гласањето и резултатот ќе биде соопштен во недела по завршување на процесот на гласањето.

„Претстојните избори, претставуваат постулат на демократските вредности, каде прв пат во историјата на нашата држава, самите членови на партијата ќе си го бираат својот претседател. Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена, поставен од најдемократската, најпрогресивната и најмодерната партија – СДСМ“, велат од партијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.03.2021 - 10:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега