СДСМ: Срамно е што пратениците на ДПМНЕ и Левица не гласаа за законот за македонски јазик
„Срамно е што пратениците на ДПМНЕ и Левица не гласаа во Собранието за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик“. Ваква реакција до медиумите испраќаат од владејачката СДСМ во писмено соопштение испратено до медиумите утрово, откако вчера пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица не гласаа во Собранието за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик.
„Со законот за употреба на македонскиот јазик се дава правна основа за донесување на Национална стратегија за македонскиот јазик, се прошируваат областите за употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и опсегот на лекторирање.
ДПМНЕ и Левица покажаа крајно непочитување на сопствениот јазик и уште еднаш го потврдија своето лицемерие, од една страна манипулираат дека македонскиот јазик е загрозен, дека ќе стане бугарски дијалект, а од друга страна не го гласаат законот за употреба на македонскиот јазик“, стои во реакцијата на СДСМ.
„Со СДСМ македонскиот јазик е заштитен. Најсилен доказ дека македонскиот јазик е признаен од ЕУ, со чиста формулација без додавки и фусноти е договорот Фронтекс, за чија ратификација ДПМНЕ исто така не гласаше во парламентот“, додаваат оттаму.
Вчера исто така, бурна реакција за оваа постапка на опозициските пратеници имаше и министерот Фатмир Битиќи, кој на социјалната мрежа Фејсбук напиша:
„Не гласавте за вашиот мајчин јазик, а јас очекувам да имате почтување за мојот, реагира вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи откако 36 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и двајцата пратеници од Левица и пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, не гласаа за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Вие не сте ја искористиле парламентарната привилегија да гласате за Вашиот мајчин јазик, а јас очекувам да имате почитување за мојот. Сега разбирам дека Вие и јас не функционираме од истото ниво на почит кон себе а секако после и кон другиот. Вие ја немате, јас ја имам. Поздрав“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа