СДСМ: Во времето на Мицкоски беше укината евтината тарифа на струјата, а државата беше зависна од увоз

„Христијан Мицкоски ќе остане запаметен како најнеуспешен директор на Електрани на Северна Македонија (поранешно ЕЛЕМ) и затоа најдобро му е да молчи на тема енергетика. Имаше можност Мицкоски и како директор и како советник за енергетика на Никола Груевски да направи многу на тема енергетика, на тема еколошки и обновливи извори на енергија“, вака СДСМ, реагираше на вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на партиска трибина дека новиот концепт на неговата партија „Македонија за сите луѓе“ предвидуваат почист воздух, враќање на парите од акцизата за горивата и поевтина електрична енергија за домаќинствата.

Според нив, во негово време беше укината евтината тарифа на струјата, цената на електричната енергија се зголеми за 100 отсто, а државата беше зависна од увоз на скапа електрична енергија.

 

„Тоа се „резултатите“ на Мицкоски во енергетиката, затоа денеска никој не верува во неговите ветувања. Граѓаните знаат колку Мицкоски е неодговорен, нечесен и несериозен и затоа одново ќе го казнат на следните избори“, велат од СДСМ.

„Денеска ќе зборуваме како до гасификација на домаќинствата, како до најмалку 50 проценти гасифицирани домаќинства во нашата Македонија, со бесплатен приклучок за гас, без дополнителни трошоци, ќе зборуваме како до поевтина струја преку произведување на електрична енергија, а тоа ќе го постигнеме со продолжување на работниот век и модернизирање на  производните погони, тоа се рударско енергетскиот комбинат во Битола и рударско енергетскиот комбинат во Кичево“, истакна вчера Мицкоски.

15.07.2021 - 10:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега