Шабани: ДИК во стандардна процедура ги проверува податоците за резултатите од изборите од ОИК- резултати се очекуваат попладне

Државната изборна комисија (ДИК) се очекува во попладневните часови да одржи седница на која треба да бидат соопштени конечните неофицијални резултати од изборите. Во Комисијата сега се прави контрола на податоците што синоќа ги испратиле општинските изборни комисии, што е стандардна и вообичаена постапка по секои избори, изјави за МИА портпаролот на Комисијата Адмир Шабани.

-Пристигнати се сите податоци и материјали од ОИК. Сега се прави стандардната процедура односно контрола на податоците внесени во софтверот на ДИК со податоците од записниците број 16 и број 21, што ги содржат бројките од гласањето во избирачките места. Откако ќе заврши контролата, ДИК во попладневните часови ќе има седница кога ќе бидат соопштени конечните неофицијални резултати од изборите изјави Шабани.

По соопштување на овие податоци почнуваат да течат роковите за приговори од политичките партии.

ДИК, иако најавуваше дека резултатите од гласањето ќе бидат соопштени многу бргу, не можеше да го нарави тоа бидејќи имаше проблем со веб-страната за објавување. Веб-страната на ДИК и сега не функционира, а тоа според Шабани е поради тоа што на сајтот на Комисијата се работи и се проверува моментот на напад.

-Се детектира проблемот затоа што се претпоставува дека е напад од надвор, изјави портпаролот на ДИК.

Претходно денеска претседателот на ДИК Оливер Деркоски изјави дека нападот е пријавен во Министерството за внатрешни работи лично до министерот и оти очекуваат припадници на полицијата да дојдат во Комисијата. Како што кажа Деркоски, станува збор за хакерски напад од надвор и оти случајот ќе се испитува.

Деркоски во изјава за Телма исто така рече дека не се точни и остро ги демантира информациите што излегоа во јавноста дека една недела пред изборите е склучен договорот за веб-страната на ДИК.

-Тоа може да го проверите на сајтот на Бирото за јавни набавки, како одеше тендерската писитаока и како се заврши таа постапка. На два пати беше распишуван тендер и исто така сакам да потенцирам дека сегашната набавка ја симна цената за набавка на ваква софтверска апликација од постојните четири и пол милони денари кои ги плаќала ДИК во изминатите десет изборни циклуси, за скоро милион денари, рече Деркоски. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.07.2020 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега