Шахпаска-Јан Коп: Холандија е наш голем поддржувач на евроинтегративниот пат и партнер во борбата за заштита на човековите права

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Холандија во нашата држава,  Дирк Јан Коп.

-Холандија е  голем поддржувач на нашата држава на евроатлантскиот пат и навистина за нас тоа е од големо значење . Соработуваме во многу  значајни области како заштита на човековите права, маргинализираните категории на граѓани, правата на  ЛГБТ заедницата и воопшто борбата за родова еднаквост и против било каков вид на дискриминација, истакнала Шахпаска на средбата.

Таа го посочила новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација кој во моментов е во собраниска процедура, како законско решение кое обезбедува заштита на граѓаните од секаков вид на дискриминација и неговата нужност како дел од позитивното право во нашата држава. Потребата од Комисијата за заштита од дискриминација која како независно тело составено од професионалци во областа на човековите права, би постапувала во насока на заштита на правата на сите граѓани.

-Борбата за еднаквост и заштита на сите ранливи категории останува наш врвен приоритет. Во таа насока подготвуваме нов закон за превенција и заштита од сите форми на насилство врз жената, кој наскоро треба да влезе во собраниска процедура, истакнала  Шахпаска. Таа воедно изразила и благодарност за поддршката кој ја доби нашата држава од Кралството Холандија за спроведување на активности неопходни за успешно спроведување на Истанбулската конвенција во Република Северна Македонија.

Холандскиот амбасадор Јан Коп ја потенцирал големата поддршка на земјава во усогласувањето на нашето законодавство со европското, затоа што, како што посочил тоа ќе ја донесе земјата поблиску до европските вредности, но уште позначајно што притоа се обезбедува заштита на човековите права, на правата на граѓаните на Северна Македонија.

На средбата се разговарало и за предизвиците кои ги донесе КОВИД 19 и  начините на справување со нив. Во таа насока од страна на министерката биле посочени четирите пакети економска помош од страна на Владата, кои, како што потенцирала, претставуваат помош и поддршка на економијата, компаниите, граѓаните со акцент на најпогодените сектори и категории на граѓани.

Двете страни изразиле подготвеност за понатамошна продлабочена соработка во сите области во кои ќе се јави потреба, како и пренесување на искуството од страна на Холандија кое што е од големо значење за нас како држава. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.10.2020 - 12:55
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега