Шахпаскa: Пратениците од опозицијата да не ги блокираат законските измени за недела ден за одмор

Пратениците од опозицијата треба да покажат свест за правата на работниците и да ја прекинат блокадата за да се создадат услови низ собраниска процедура да биде усвоен Предлог-законот за недела како ден на неделен одмор, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Според неа, секое доцнење значи пролонгирање на примената на ова право кое работниците го очекуваат. Таа посочува дека поради собраниските блокади и „понатаму многу работници наместо со семејствата во недела, ќе бидат на работа и дополнително за тоа нема да бидат платени“.

– Ќе ја искористам оваа прилика уште еднаш да апелирам до пратениците од опозицијата да не ја кочат собраниската процедура за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со кои се дефинира дека недела е ден на неделен одмор, рече министерката Шахпаска во интервју за „Утрински брифинг“.

Со овој предлог закон, кој е во второ читање во собраниската постапка се овозможува 92 проценти од вработените да одмораат во недела. Ова законско решение гарантира најмалку 50 отсто повисоки дневници за работа во недела и слободен ден. Што се однесува до вработените во трговските центри, нивна дневница за работа во недела ќе биде за 100 проценти повисока од вообичаената, а работното време ќе биде од 10 до 18 часот.

Предлог законското решение, посочуваат од МТСП, е донесено по широка и конструктивна дискусија меѓу работниците и работодавачите.

23.09.2021 - 11:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега