Шахпска: Пензиите ќе продолжат да растат
Има сериозни реакции околу последното зголемување на пензиите во јавноста, но и ние сме свесни дека усогласувањето е мало и недоволно. Лошо е да давате ветувања кога има пандемија во светот и кога не знаете во кој правец таа ќе се движи, но одговорно тврдам дека оваа власт ќе ги испочитува законските решенија. Пензискиот фонд е стабилен, приходите во него се поголеми од претходната година, а пензиите ќе продолжат да растат, рече вечерва министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Таа потсети дека исплатата на пензиите е редовна, а пензионерите двапати во годината го добиваат законското усогласување според порастот на трошоците за живот.
– Да, ние сме свесни дека е малку, но усогласувањето ќе продолжи и во наредните месеци. Би била најсреќна кога би можела да ја зголемам пензијата не со 1,2 отсто колку што е усогласувањето со трошоците на живот, туку во исто време да го направиме усогласувањето и со порастот на минималната плата за 15 проценти и просечната плата за пет отсто кумулативно во исто време, кога БДП би бил над 4,1 отсто. Сакам да испратам една порака до пензионерите – и во услови на пандемија сакаме да гарантираме почитување на законите, да ја гарантираме извесноста на која пензионерите треба да сметаат. И во услови на пандемија успеваме да ја гарантираме извесноста на пензиите. Нивната исплата е редовна и се исплаќаат предвреме, напомена Шахпаска во гостување на ТВ Сител.
Во јануари, дополни министерката, имаше пораст за 1,2 отсто и сега во јули повторно 1,2 процента што е 300 денари кои пензионерите ќе ги добиваат секој месец, до крајот на годината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа