Шекеринска-Шидер: По успехот во НАТО Северна Македонија очекува вреднување на сработеното и од ЕУ

 Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Брисел се сретна со Андреас Шидер, копретседавач на Заедничкиот парламентарен комитет на Северна Македонија и ЕУ.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата Шекеринска ги истакна приоритетите на нашата земја во следниот период поврзани со односите со Унијата и ставот кон новата методологија за преговори и проширување што ја препорачуваат некои од земјите членки.

– Владата останува посветена на реформскиот процес кој ги опфаќа владеењето на правото, судскиот систем, унапредувањето на демократијата, рече Шекеринска.

Додаде дека по успехот со НАТО граѓаните на нашата земја ја продолжуваат поддршката за членство во ЕУ.

– Уверени сме дека отворањето на преговорите со Унијата ќе биде силно охрабрување за земјата и за регионот и ќе придонесе кон негово натамошно стабилизирање. Ќе прифатиме секакви фер услови кои ќе произлезат од договорите за идната методологија но очекуваме нашите напори да бидат вреднувани, истакна министерката.

Копретседавачот Андреас Шидер рече дека напредокот на Северна Македонија е евидентен и дека земјата заслужува позитивен став и доследност од страна на Унијата.

Тој најави дека Заедничкиот парламентарен комитет ќе ја интензивира својата работа и веќе идната седмица ќе се состане во Стразбур. Шидер ја истакна поддршката од Заедничкиот парламентарен комитет и рече дека односите ќе продолжат во истиот дух на разбирање и соработка, стои во соопштението од Министерството за одбрана.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.12.2019 - 16:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега