Шилегов: Граѓаните ќе можат бесплатно да исфрлаат шут во Дрисла

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје Петре Шилегов денеска најави дека граѓаните ќе можат бесплатно да го исфрлаат шутот во депонијата Дрисла, која потоа ќе го преработува и ќе произведува градежни материјали.

– Дрисла во следниот период доби голема инвестиција со што го решаваме еден од најголемите проблеми, дивите депонии од градежен шут којшто за жал ги создаваат несовесните граѓани. Дрисла веќе започна со третирање на преработка на шутот, инсталирање на опрема за третирање на преработка на шутот од инертен отпад, односно она што го гледаме во околината на нашиот град. Така, наместо да се плаќа за депонирањето на шутот којшто сега ги мотивира некои од граѓаните тоа да го исфрлаат на диво, и да ја загадуваат природата, тоа ќе можат да го прават бесплатно во депонијата која потоа ќе го преработува овој шут и ќе произведува градежни материјали, рече Шилегов на денешната прес-конференција.

Во Дрисла, нагласи тој, се работи законски, не се согорува опасен увезен отпад и со тоа здравјето на граѓаните повеќе не е во ризик.

– Ова е вистинска грижа за здравјето на граѓаните и добро управување со јавните претрпијатија. Дрисла беше симбол на корупција и криминал на претходната власт, извор на загадување и опасност за скопјани. За само четири години ја претворивме во ефикасно претпријатие каде безбедно и одговорно се третира отпадот без да се загрозува животната средина, претпријатие кое се развива и кое во следниот мандат ќе прерасне во модерен центар за третирање на отпад по светски стандарди, со што ќе го решиме проблемот на дивите депонии во нашиот град, истакна Шилегов.

За една и пол година, како што посочи, успеале да набават нов стерилизатор за третман на медицински отпад од позната италијанска марка ЦИСА, иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет.

Со набавката на стерилизаторот, според него, се стави крај на несоодветната обработка на медицинскиот отпад кој потоа на Дрисла завршуваше како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и здравјето на граѓаните.

– Системот за третман на медицинскиот отпад е опремен со шредер кој го намалува до 80 проценти неговиот волумен, со сува вакуум пумпа што придонесува за заштеда на потрошувачката на вода и до 98 проценти, како и со систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и недозволува воздухот да го испушпта стерилизиторот и да ја загадува околината. Градежните машини со коишто располага Дрисла и кои се во нејзина сопственост, се комплетно сервисирани во сервисот на претпријатието и повторно се вратени во употреба. Веќе не трошиме пари за изнајмување на  градежни машини. Старите и дотраени теренски возила се заменети со три нови теренски возила, неопходни за непречено движење по пристапните патишта до депонијата кои се тешко проодни за лесни моторни возила, додаде Шилегов.

По 10 години, вели тој, комплетно се отворени и дренажните канали околу целата депонија. За редовно мерење на амбиенталниот воздух набавена е нова мерна станица за амбиентален воздух со автоматско ажурирање на податоците на секоја една минута. Воведен е и нов софтвер за дигитализација на деловните процеси и на процесите за третман на отпадот на депонијата согласно европските стандарди. Поставен е нов систем на видеонадзор со што целата површина на депонијата е комплетно покриена со камери.

– Денес, граѓаните на Скопје можат да бидат спокојни, Дрисла повеќе не го труе нашиот град. На изборите во недела бираме дали сакаме овој развој и заштита на здравјето на граѓантие да продолжи или сакаме Дрисла да ја вратиме назад на управување на истите оние кои ја продадоа за криминални цели и свесно го труеја градот и го загрозуваа нашето здравје, рече Шилегов.

Прашан што ќе се прави со времено вработените во скопските јавни претпријатија, Шилегов рече дека мора да го решат статусот на овие лица да им се издадат решенија за траен работен однос, како и дека после изборите треба да им се покачи платата.

– Се слушаат разноразни гласини низ градот, доаѓаат и до мене дека веќе ќе се делел колачот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса, па ќе биле овие на јавните претпријатија директори, оние ќе биле директори, тоа е само пристап на луѓе коишто де факто ја немаат грижата за градот, туку на градот Скопје гледаат како на политички плен, а не како град на граѓаните. Ние мораме да продолжиме понатаму за да го решиме статусот на овие лица кои беа времено ангажирани со цел да издадеме решенија за нив за траен рабоптен однос и да им го вратиме статусот на достоинствени граѓани, рече Шилегов.

27.10.2021 - 11:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега