Шилегов: Не работам 24/7, но ветувам дека Скопје ќе го направам убав град за живеење

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на половина од четиригодишниот мандат во интервју за 24 инфо вели дека за изминатиот период од две години може да се пофали со низа капитални проекти. Целта му е да го направи Скопје пријатно место за живеење за неговите граѓани. Засега не размислува за нова кандидатура, бидејќи вели дека се уште следните избори му изгледаат далечни. Признава дека не работи 24/7, но успева да најде време за себе, семејството и за пријателите. Вели дека Скопје заслужува и Скопје може да биде поубав град за живеење.

 

-Просторот за приватен живот во вакви околности е сериозно лимитиран, но убеден сум дека секој одговорен политичар си го има расчистено ова прашање со самиот себе и со своите најблиски уште пред да почне да се занимава со политика. Од друга страна пак верувам дека ако добро се планираат и организираат времето и активностите, останува доволно простор и за приватен живот кој подразбира време за семејството, за пријатели, за дружење. Се трудам состаноците да ми бидат крати, но ефективни, при што речи си секогаш настојувам да се фокусирам на суштината на предизвиците и проблемите што заштедува доволно време за сѐ во животот.  Нема да лажам дека работам 24/7 како некои ликови кои се минато во македонската политика, но со сета скромност можам да кажам дека и покрај тоа успевам да завршам сериозно поголем дел од обврските споредено со луѓето кои во тврдеа дека работат 24/7.

Започнавме многу големи проекти кои не оставаат многу простор за размислување за кандидатура за нов градоначалнички мандат. Верувам дека како што се ближиме кон крајот на мандатот ова прашање ќе станува се поинтересно, а и одговорот на истото ќе станува се пореален. Во таа насока убеден сум дека за една година од сега одговорот на ова прашање некако природно сам ќе се наметне, но тоа е помалку важно во овој момент. На средината на мандатот многу повеќе сакам да размислувам за реализацијата на започнатите проекти и за обезбедување на потребните човечки и финансиски ресурси кои би биле доволни за завршување на проектите во предвидените рокови со цел граѓаните да имаат на располагање една ефикасна и функционална локална власт која во целост ќе ги задоволи потребите кои ги наметнува современиот начин на живеење. На крај би подвлекол дека на крајот на овој мандат граѓаните ќе можат со гордост да кажат дека Скопје е модерен град, со функционални и одржливи сообраќајни решенија и во голема мера решен проблемот со паркирањето со воспоставен ред во урбанизацијата на градот, со повеќе јавни простори, нови паркови, ослободени велосипедски и пешачки зони, развиена велоспедска мрежа, подобри услови за одвивање на наставата во средното образование, поголема поддршка за младите таленти и подигнато нивото на квалитетот во културните и спортските настани поддржани од Град Скопје. Скопје заслужува и Скопје може да биде поубав град. Со заеднички сили верувам дека ќе ја постигнеме целта Скопје да биде град во кој многу поубаво и многу поудобно ќе се живее - вели Шилегов.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.10.2019 - 17:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега