Шкотланѓаните повторно ја откриваат самодовербата

Првиот министер на Шкотска, Алекс Салмонд изјави денеска во Единбург дека Шкотланѓаните повторно ја откриваат самодовербата. Зборувајќи на прес - конференција, организирана за странските новинари во Велика Британија, тој го оцени референдумот од 18 септември како процес на национално самопотврдување.

Средбата на Салмонд со новинарите доаѓа само 24 часови по вчерашниот повик на лидерите на трите главни британски партии на конзервативците,лабуристите и либералдемократите-Дејвид Камерон, Ед Милибанд и Ник Клег кои на одвоени средби со шкотските гласачи, ги повикаа Шкотланѓаните да гласаат против отцепувањето на земјата од Велика Британија.

Тие им порачаа на гласачите дека заедно, во Велика Британија е подобро, како за Шкотска, така и за нејзините луѓе и најавија дека веќе од идниот петок ќе почне процесот за проширување на овластувањата за Парламентот во Единбург во секторот на фискалната и социјалната политика.

Салмонд кој ги предводи сепаратистите,меѓутоа, ја осуди постапката на, како што вели,политичарите од Лондон, како политика „во последна минута“ која според него е „осудена на пропаст“.

Тој смета дека доаѓањето на Камерон, Милибанд и Клег во Шкотска „само ќе ја засили кампањата“ за независност на земјата, инсистирајќи дека противниците на отцепувањето забрзано ги губат своите позиции. На средбата со новинарите тој уште еднаш ги повтори своите познати ставови дека со Шкотска треба да управуваат само нејзните луѓе, затоа што само тие ги знаат вистинските потреби на Шкотланѓаните.

Прес конференцијата се одржа на денот кога пред 17 години, гласачите во Шкотска со големо мнозинство го поддржаа законот за деволуција (префрлање на овластувањата од Лондон на Единбург), со кој беше обновена и работата на шкотскиот Парламент, по прекин од безмалку три века.

Шкотска сега има мошне широка автономија и таа целосно самостојно одлучува за сите сектори на државната политика и потребите на луѓето, освен во надворешната, одбранбената и даночната политика.

Декларацијата на трите британски главни партии за зголемување на овластувањата, навестуваат дека доколку се отфрли отцепувањето, Шкотска ќе има уште поголема автономија, па заедничко со Британија ќе остане само водењето на надворешната и одбранбената политика.

Салмонд и неговите сепаратисти,сепак,сметаат дека деволуцијата „веќе не е решение за Шкотска“.

Последните мерења на расположението на гласачите, што го направи агенцијата „Сервејшн“ за шкотскиот весник „Дејли Рекорд“ покажува дека за независност се определуваат 42,4 отсто, а против отцепувањето 47,6 отсто од луѓето, додека десет отсто и натаму се неопределени.

11.09.2014 - 15:49
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега