Што е со „Европскиот фронт“: СДСМ и ДУИ не се договорија за заеднички настап

ДУИ дефинитивно ја напушта СДСМ кога станува збор за претседателската трка. По вчерашниот став на Ковачевски дека и да се кандидира Ахмети СДСМ нема да му даде поддршка бидејќи ќе оди со свој кандидат, како и онаа на Груби дека и тие подготвуваат своја кандидатура, станува јасно дека се остварија очекувањата и на овие претседателски избори ќе имаме прилично долго гласачко ливче.

„Демократската унија за интеграција се уште нема одлука кој ќе биде нејзин кандидат за претседател на државата, бидејќи прашањето не е дискутирано во партиските органи. Бујар Османи би можел да биде одличен кандидат. Но, тој не води кампања за претседателски кандидат, затоа што за ова не е разговарано ниту е одлучено во ДУИ. Но, ќе мора да се донесе одлука наскоро, затоа што на 23 февруари почнува собирањето на потписи што би требало да трае до 8 март. Така што неделава ќе дознаеме кој е кандидат на ДУИ и кој ќе биде победник во албанскиот блок, со можност исто така да помине и во вториот круг“, рече Груби во интервју за 360.

Тоа значи дека СДСМ ќе може да се надева на поддршката на ДУИ, но само ако нивниот кандидат избори место во вториот круг.

Ваквиот развој на настаните го отвора прашањето дали ДУИ ќе настапи во предизборна коалиција со СДСМ или ќе оди со свои листи. Груби вели дека и тоа е опција која се уште се разгледува.

- Во моментов, расположението во ДУИ е за разговори со други коалициони партнери, партијата на господинот Хоџа, на Тачи, на Реџепи Зеид и на други општествени чинители, додека со СДСМ имавме состанок пред десетина дена со претседателот на СДСМ, господинот Ковачевски, и мислам дека би требало да имаме состанок и неделава, односно деновите што се пред нас, да видиме какви резултати покажуваат нивните анкети, какви нашите анкети, да видиме кој е најдобриот начин да се настапи“, рече Груби.

И Ковачевски вчера немаше прецизен одговор дали ќе ја добие поддршката на ДУИ. И тој коментираше дека се свртени внатре во традиционалната коалиција и дека во деновите кои следат ќе се водат разговорите со ДУИ.

А за разговори за парламентарните избори има уште доста време бидејќи кандидатските листи до ДИК треба да се достават најдоцна до 3 април.


 

20.02.2024 - 09:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега