Што се случува на Арктикот: Измерени вистински летни температури, а тоа веќе довело до една катастрофа

Топлото време на Сибир се поклопило со најтоплиот мај во историјата.

Во руското гратче Верхојанск, кое се наоѓа над Арктичкиот круг, во саботата била измерена температура од плус 38 степени. 

До необичниот пораст на температурите во тој сибирски град, кој од Москва е оддалечен околу 4.600 километри, дошло поради големите шумски пожари во тој регион.

Во поголемиот дел од Сибир оваа година биле забележани температури над просекот, бидејќи во Јакутија горат повеќе од 275.000 хектари шума.

Верхојанск има околу 1.300 жители, а во Гинисовата книга на рекорди е запишан како место со најголема температурна амплитуда на светот, бидејќи најниската измерена температура била минус 68, а овој викенд и највисоката од 37,2 степени.

Според климатологот Мартин Стендел, температурните отстапувања на северозападот на Сибир во мај би се случиле само еднаш во 100.000 години кога би немало климатски промени. Меѓутоа, не бил само тој месец потопол од обично во Сибир, бидејќи целиот регион имал период од натпросечно високи температури во текот на зимата и пролетта, а посебно топло било од јануари.

„Нема сомнеж дека тоа е алармантен знак", вели научничката Фреја Вамборг.

Сибир обично минува низ големи температурни разлики од месец до месец и од година до година и веќе претходните години имало месеци во кои температурните аномалии биле поголеми од овие во последните шест месеци. Сепак, не е вообичаено да се видат толку натпросечно високи температури толку месеци по ред.

Најтопла зима во 140 години

Иако целата Земја се загрева, порастот на температурите не се случува рамномерно по целата планета, истакнува Вамборг. Таа вели дека западен Сибир се издвојува како регион кој искажува силен тренд на високи температури и големи варијации. Научниците сметаат дека арктичкиот регион просечно се загрева двојно побрзо од остатокот од планетата, што е последица од глобалното затоплување.

Русија ја забележала својата најтопла зима во 140-годишната историја на метеоролошките мерења, објавил државниот Хидрометеоролошки центар на Русија на почетокот на оваа година. Се чини дека потоплите температури веќе имаат негативно влијание. На почетокот на јуни, рускиот претседател Владимир Путин вовел вонредна состојба во сибирскиот град Норилск откако 20.000 тони гориво истекле во реката кај електраната.

„Норникел", компанија во чија сопственост е електраната, вели дека темелите на резервоарот за гориво веројатно потонале поради топењето на пермафростот, што укажува на опасноста која загревањето ја претставува по арктичката инфраструктура и екосистемот.

„Моментално можеме да претпоставиме дека поради ненормално благите летни температури во последните години пермафростот почнал да се топи и дека столбовите под пермафростот потонале", рекол оперативниот директор на „Норникел" Сергеј Дјаченко.

Сергеј Верховец, координатор на арктичките проекти за рускиот огранок на "WWF", рекол дека инцидентот има катастрофални последици.

„Последиците ќе ги видиме наредните години, а притоа мислам на мртви риби и отруени животни", реко Верховец.

Минатата година пожарите активно беснееле на Арктикот, досега од незабележани размери, емитувајќи мегатони гасови во атмосферата, според официјалните руски проценки, пренесува „CNN".

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.06.2020 - 09:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега