Шуклева: Ветерот откорна десетина клима уреди од зградата на МЕПСО

Генералната директорка на АД „Мепсо“, Ева Шуклева информираше дека синоќешниот ветер уништил дел од фасадата на АД „Мепсо“, односно фасадата што се наоѓа во внатрешниот дел на зградата и служи како паркинг-простор во објектот. Откорнати се и десетина клима-уреди.

– Вчерашниот ветер буквално ја соголи административната зграда на „Мепсо“, голем дел од фасадата се најде на земја. При тоа откорнатите парчиња стиропор оштетија неколку возила, откорнати се и десетина клима уреди. Налетот на ветрот за само неколку часа покажа колку небезбеден може да биде проектот „Скопје 2014“ и за животот на луѓето, нагласи Шуклева.

Таа посочи дека има делови кои во секој момент без ветер може да се урнат и истакна дека за проектот насловен „Реконструкција и адаптација на зградата“, кој имал за цел подобрување на енергетската ефикасност, минатата Влада потрошила повеќе од 10 милиони евра.

– Го обезбедивме целиот простор што е зафатен од урнатините. Полицијата направи записник. Осигурителните компании и стручните лица вршат проценка на настаната штета, наведе генералната директорка на АД „Мепсо“.

Шуклева истакна дека поради повеќе наследени состојби и пропусти во изведбата, донесена е одлука за спроведување на внатрешна ревизија која треба да ја утврди фактичката состојба во однос на активностите преземени од страна на изведувачот и согласно склучениот договор во 2013 година.

Одговарајќи на новинарско прашање дали изведувачот е „Бетон“ Штип и како ќе постапуваат понатаму со оглед на тоа дека таа компанија е во стечај, Шуклева одговори потврдно, наведувајќи дека е активирана и наплатена банковата гаранција, пред фирмата да влезе во стечај. Средствата, како што рече, ќе бидат искористени за довршување на ненаправените работи во зградата. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.02.2020 - 15:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега