Шврговски: Разочарувачки ден за правото, правдата ќе ја истераме преку Апелационен суд

Навистина разочарувачки ден за правдата и за правото. Ова е поразително и за нас како одбрана и за правдата, но убеден сум дека правдата ние ќе ја истераме преку високиот Апелационен суд, изјави бранителот на Сашо Мијалков, адвокат Љупчо Шврговски, по објавувањето на пресудата за случајот „Трезор“.

Судот, посочи Шврговски, во образложението на пресудата изврши замена на тези во поглед на она што е предмет на обвинение.

– Во почетокот кога Судот реферираше дека Сашко Мијалков ја злоупотребил својата службена положба, искористувајќи ја, не даде одговор кои одредби и од кој закон Сашо Мијалков ги има повредено. Ова кривично дело, за оние што се правници, добро знаат дека е од општиот супсидијарен карактер што значи дека само по себе до колку во обвинението не е инкорпорирана повреда која што се наоѓа во друг закон или подзаконски акт, само по себе како обвинение односно како кривично дело не може да опстои, рече Шврговски.

Судот, според Шврговски, во своето образлагање ја довел јавноста во заблуда, истакнувајќи дека обвинението било докажано со фактот што Сашо Мијалков бил во Лондон.

– Воопшто не е спорно дека Сашо Мијалков бил во Лондон и тоа не еднаш, туку три пати. Но, она што Судот требаше да и го презентира на јавноста е фактот дека од доказот на јавниот обвинител произлезе токму спротивното дека Сашо Мијалков кога бил во Лондон не остварил ниту средба со претставници на ГАМА, ниту договорал со нив било каква набавка на опрема или на обуки, рече Шврговски.

Судот, продолжи тој, образложувајќи ја пресудата наведе дека сведокот Ѓоко Поповски навел дека од менаџментот на УБК добивал усни напатствија кога требало да биде набавувана опрема односно кога требало да бидат вршени набавки за потребите на УБК.

– Меѓутоа на конкретно прашање дали за овој кривично правен настан, значи дали него му било сугерирано за фирмата Физи да му препорача на Ѓоко Поповски да преку неа се врши набавката на опрема и на обуки, тој децидно кажа дека таква препорака не добил. Што значи дека Судот го зема исказот на Ѓоко Поповски, којшто е општо се однесува на целокупните набавки, но неповрзани со набавката на предметот обивнеито со фирмата Физи со што мислам дека ја доведувам во заблуда дека неговиот исказ во поткрепа на тезата на обвинението, рече Шврговски.

Според Шврговски, Судот непознавајќи ја економската вештина и доктрината на економијата се поставува во  улога на економски вештак кога вели во образложението, дека од она што било презентирано од фактурите Судот утврдил недвосмислено дека се работи за износ на штета на буџетот на РМ во ознос од 20 милиони денари.

– Како можел Судот тоа да го утврди, и дали постои во правната пракса, во РМ вакво образложение на пресуда каде што се екстремно високи казни, истакна Шврговски.

Адвокатот Петар Василев, рече дека ова е уште една пресуда поради која што беа донесени извештаите од Стејт департментот, како и пресуди коишто биле опфатени во Извештајот на Прибе.

– Пресуда која е базирана на претпсотавки и со кршење на Законот за кривична постапка. Се продолжи и со кршење на Законот за кривична постпака и при определување на мерката притвор од причина што јавниот обвинител немаше можност да поднесе предлог да му се определи нова мерка со оглед дека егзистира мерката притвор која е определена по предметот Таргет-Тврдина, изјави Василев.

Јавниот обвинител, според Василев, морал да побара од Кривичниот совет да се укине притворот по предметот Таргет-Тврдина за да евентуално би можел да поднесе предлог за да се определи притвор во оваа постапка.

– Меѓутоа имајќи предвид дека Судот го прифатил предлогот на еден начин ја прејудицираше одлуката на Кривичниот совет, односно дека Кривичниот совет ќе го укине притворот, а Кривичниот совет сметам дека немаше можност да биде известен дека вакво барање е поднесено и од тие причини сметам дека е незаконито определен и овој притвор на денешната главна расправа, појасни Василев.

Во поглед на основаноста, Василев рече, дека на јавноста и е јасно дека не постои ниту еден доказ којшто јавниот обвинител го изнел, а оди во поткрпеа на тоа дека притворот е оправдан и дека треба да се определи.

– Не е јасно како е определен притворот и колку би можел тој да трае. Меѓутоа, одбраната ќе поднесе жалба на ова решение и сметаме дека повисоките истанци како за пресудата, така и за притворот, посериозно ќе пристапат кон наводите на одбраната, доказите што ги предложи и ќе донесе решение во корист на законот и во корист на обвинетите и одбраната, рече Василев.

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, првообвинет во предметот „Трезор“ за злоупотреба на службената положба и овластувања денеска е осуден на единствена казна во траење од осум години.

На поранешениот началник на Петтата управа во МВР  Горан Грујевски, кој е недостапен на органите на прогонот му е изречена  единствена казна затвор во траење од 15 години. На поранешниот помошник-министер во МВР  Небојша Стајковиќ, судот му изрече казна затвор од пет години.

Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски,  пак, кој се товари за помагање, е осуден на единствена казна затвор во траење од пет години.

Против пресудата дозволена е жалба во рок од 15 дена до повисокиот Апелационен суд.

Предметот се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.  

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.04.2021 - 16:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа