Сијарто: Срамно е што ЕУ не донесе одлука за преговори денеска

 

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, во  интервју за МИА дадено за време на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург порачува дека е срамно што  ЕУ денеска нема да донесе одлука за преговори со Северна Македонија.

Како течат дискусиите за старт на преговори со Северна Македонија?

-За жал нема да има одлука за отворање пристапни преговори. Одлуката е да се вратиме на ова прашање на есен. Што е срамно. Требаше да донесеме одлука денеска за старт на преговори веднаш. Сѐ ни беше на располагање, нема причина, нема никаква пречка на патот. Единствената пречка е недостатокот на политичка волја. Некои земји се повикуваат на ограничено време, што е смешно. Македонија е кандидат четиринаесет години, Албанија пет. Смешно е да се зборува за ограничено време. Ако се повикувате на ограничено време помеѓу објавувањето на извештајот на Европската комисија и денеска, исто така не прифаќам, поминаа две недели. Ако сакате да свикате седница на парламент за специфично прашање можете да го направите за две недели, а немаше ништо неочекувано во извештајот на ЕК, така што ова е отсуство на политичка волја и лицемерие. И мислам дека одлуката да не започнат преговорите веднаш е штетна од перспективата на ЕУ, на Балканот и посебно на централна Европа, затоа што ние сме соседен регион и знаеме колку е важно да продолжи процесот на проширување. Централноевропските земји дадоа голема, голема поддршка, сите бараа веднаш да се донесе одлука, посебно земјите од Вишеградската група. Но западноевропските земји имаа аргументи против.

На прашањето дали има уште шанси во текот на попладнево да се смени нешто, тој вели дека нема бидејќи големите западноевропски земји не се спремни за тоа, а за тоа што ќе се случува понатака и што да очекуваме тој вели дека ќе видиме на есен, откако ќе се навратат на прашањето.

-Какви гаранции имате дека ќе има позитивна одлука? Германците се повикуваат на тоа дека Бундестагот не може да го отвори прашањето, не знам дали некој може да даде гаранции за одлуката на Бундестагот. Се надевам дека вашата Влада ќе продолжи со овие проевропски и проатлантски политики. Фала Богу барем членството во НАТО напредува, има некакво охрабрување. Се надевам дека ќе продолжите да се подготвувате, не им оставајте ниеден аргумент за загрижените земји. Ние помагаме, унгарски експерт работи со македонската влада и ќе продолжат и ја даваме сета потребна поддршка. Барем заклучоците денеска го поздравуваат Преспанскиот договор.

На прашањето дали не мислите дека одвојувањето од Албанија ќе помогнеше да се убедат токму тие земји кои денес ја блокираат Северна Македонија Сијарто вели дека ниедна западноевропска земја, ниту за време на подготовките, ниту денеска, рекла дека ако имаше одвојување ќе прифатевме преговори со Северна Македонија, немало таква изјава, никој не рекол такво нешто.

Дали ставот на Унгарија против одвојување од Албанија е поврзано за бегството на Никола Груевски и дали и должите нешто на Албанија во однос на тоа, тој вели дека не, чисто професионално и објективно е.

-Ако ме прашате дали Албанија направила сѐ за да добие преговори, ќе ви кажам да, без разлика на било што друго, не треба да мешаме теми. Тоа беше мојот став и за датумот на објавувањето на извештајот на ЕК и ЕУ изборите. Знаеме дека под притисок на одредени земји членки, Европската комисија ги објави извештаите дури на крајот на мај, после изборите. Јас денес тука прашав која е поврзаноста помеѓу извештаите и изборите. Не добив одговор. Сфативме дека станува збор за валкана тактичка игра. Фактот што извештајот се објави после изборите им даде можност на некои земји да се повикаат на тоа дека немаат доволно време, што е смешно. И ете, денеска нема одлука. Валкана игра.

Сијарато појасни и какви информации му дава Груевски во врска со Балканот.

-Балканот е во срцето на европската надворешна политика, ние сме меѓу вашите најголеми поддржувачи, имаме активна соработка, економска, политичка, без разлика на политичката припадност, и Албанија и има социјалистичка влада, ние сигурно не сме социјалисти, но тоа не нѐ спречува да ги поддржуваме. Откако се смени владата во Северна Македонија, мислам дека никој не може да каже дека има промена во нашата политика кон земјата, за нас е тоа независно од партиската припадност. Бидејќи ова е важен регион, некогаш зборувам со човекот кој беше десет години премиер на една земја во регионот. Ако прашувате кој во Унгарија најмногу знае за Западниот Балкан, не можете да ми дадете друга опција освен тој, бидејќи беше премиер десет години. Бидејќи е тој легално во Унгарија, не гледам никаква причина да не контактирам. И знаете тој е апсолутно за европската интеграција на земјата, секогаш ми вели да дадам поддршка.

 На крајот од интервјуто тој заклучи дека ова што денес се случи не е многу охрабрувачки, тоа е сигурно, но не е крај.

- Јас сум охрабрен што централноевропските земји беа толку отворени и вокални денес, што оваа поддршка ќе донесе позитивен исход некогаш.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.06.2019 - 17:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега