Силјановска – Давкова: Премиерот, министрите и Владата во оставка се должни се до изборот на новата Влада да одговорат на горливите прашања

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова попладнево во изјава пред Собранието порача дека пратеничката група на најголемата опозициска не се откажува од уставното право за пратенички прашања.

– Сакам да укажам на проблем за којшто мислам дека е актуелен. Во членот 93, став 5, јасно стои дека Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада. Во правото постои институтот „Влада во оставка“, што има одговорност. Сега укажувам на еден чуден феномен, а тоа е дека од 24 јуни ние не сме имале пратенички прашања, што значи дека не сме можеле да ја оствариме контролната функција во името на граѓаните, изјави на денешната прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

Силјановска-Давкова посочи дека одредбата во деловникот вели дека пратенички прашања се поставуваат во последниот четврток во месецот, а пред да се закажат тие се предмет на разговор меѓу координаторите на политичките партии и претседателот во Собрание.

– Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ не информира дека се договориле со претседателот на Собранието, пратенички прашања да има утре, односно овој четврток зошто инаку би требало да имаме пратенички прашања на 30 декември. Затоа ве собравме овде за да ви кажеме дека би сакале утре, иако гледам дека има дури четири точки на утрешната седница, е договорено за пратенички прашања, што е крајно невообичаено бидејќи седницата што е за пратенички прашања треба да се однесува само на пратенички прашања. Сакаме да кажеме дека не се откажуваме од уставното право за пратенички прашања, порача пратеничката.

Таа додаде дека не постои земја во Европа, во која пратеничките прашања се поставуваат еднаш во месецот и оти најчест пример е еднаш во неделата, а има и држави како Велика Британија каде што секој ден има пратенички прашања.

– Секоја седница почнува со пратенички прашања, а еден ден одговара премиерот, бидејќи прашањата не се апстрактна креација на пратениците, туку се однесуваат на интересите и потребите на граѓаните, вели пратеничката на ВМРО-ДМНЕ.

Силјановска-Давкова истакна и дека во Собранието, поради недостиг на време се поставуваат во просек по 20 прашања и дека од 15 до 16 кандидати за поставување прашања, само осум до десет пратеници успеваат да постават прашање.

– Замислете за различни прашања ние остануваме долго во ноќта овде, ама за политички прашања не. Многупати сум велела зошто да не останеме и после 18 часот за да ги удостоиме граѓаните но одговорот бил деловникот предвидува дека работата трае до 18 часот. Мислам дека се работи за важно прашање на демократијата што се вика пратенички прашања и дека и премиерот во оставка, и министрите во оставка и владата во оставка се должни се до изборот на новата влада да одговорат на прашањата на граѓаните, додава таа.

Во одговор на новинарско прашање за оставката на премиерот Зоран Заев таа истакна дека сè уште не ја видела.

– Според членот 219, претседателот на Собранието, претпоставувам дека ја видел оставката и треба веднаш да ја достави до пратениците. Дека одговорноста е за локалните избори, во расчекор сум со мислите. До вчера јас на сите емисии дури и самата бев прашувана од новинари, зошто ги мешате локалните избори со парламентарните избори. Се работи за сосема различни избори, но се чини дека конечно после долго чекање еве чувме бидејќи сè уште не сме ја виделе оставката, додаде пратеничката Силјановска-Давкова. 

22.12.2021 - 17:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега