Сиљановска Давкова: Ромите се неразделен дел од државата, заштитата за нив треба да биде најголема
Невладините организации, заедно со меѓународните организации континуирано работат на подобрување на животот на Ромите, но нема големи резултати. Социјалната димензија во држава која се нарекува социјална, мора да се реализира континуирано, да размисли Владата за тоа дали можеби токму онаа категорија на социјални станови треба прво да биде наменета за нив. Противник сум на изолиран живот само во една населба. Треба и поинаков пристап во поглед на градењето. Ова денеска го изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред почетокот на второто издание на годишниот настан „Разговори за еднаквост“, на тема „Право на домување на Ромите“, во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Таа рече дека заштитата за нив треба да биде најголема.
-Во социјална држава, во држава што гарантира рамноправност, еднаквост, потребни се сериозни реформи. Непријатно ми е дури со години да го повторувам истото. Ромите се неразделен дел од оваа држава, тие се посветени, лојални, не се дојдени од никаде. Често пати ги охрабрувам младите Роми токму затоа и се обидувам и во мојот кабинет и во органите во кои имам влијание, да ги вклучам. Треба да се одважат, да се вклучат во политиката, образованите, умните, да ги потикнат, инспирираат и останатите, бидејќи долго време во политиката нивните интереси беа запоставувани не само од самата држава и од државните органи, туку и од многу честото вклучување во политиката заради, што не е непознато и за другите, од лични интереси, а не заради заштита на интересите на оваа ранлива категорија, истакна Сиљановска Давкова.
Посочи дека правото на домување е едно од најважните, таму се формира семејството, се учи, се живее во супстандардни услови.
-Најчесто ромските семејства се многудетни се живее субстандардно што значи дека во стартот на живото ромските деца се хендикепирани, нивните родители многу тешко наоѓаат работа, најчесто сами се грижат на свој начин како да се справат со животните предизвици. Најчесто живеат изолирано. Од местоположбата на живеалиштето зависи со кого ќе се дружите какви пријателства ќе имате, колку ќе ви бидат достапни сите институции, додаде претседателката Сиљановска Давкова.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа