Сите жени на Тито: Пред Јованка имал 3 брака и љубовници

Тој беше доживотен претседател на СФРЈ, војник, политичар, омилен и омразен, но малку се знаело за неговиот љубовен живот. Накратко, Јосип Броз Тито ги сакал жените, не дискриминирал, па ги сакал и Србинките, и Русинките, и Словенките, а не му било проблем понекогаш да почне и врска со зафатени жени. Се женел четири пати и имал најмалку толку љубовници.

„Прва негова жена била Русинката Пелагија Белоусова, која имала само 15 години кога се омажила за него. Тој тогаш бил во Русија во заробеништво. Се венчале и го добиле синот Жарко. Се преселиле во Хрватска, но таа по некое време се вратила во Русија, каде што се премажила. Иако се разделиле, таа таму токму поради него паднала во немилост, па дури била испратена и на присилна работа“, изјавил за Блиц Момчило Јокиќ, автор на книгата „Тајно досие – Јосип Броз“.

Меѓу две сопруги половина година пауза

Тито наводно во април 1936 година во Москва го раскинал бракот со првата сопруга Пелагија, а по половина година се оженил за Германка, тврди Перо Симиќ, автор на првата биографија на Тито.

„Таа жена се викала Јохана Ана Кениг, родена во германскиот град Хемниц. Таа била мажена за висок германски функционер, кој по доаѓањето на Хитлер на власт бил уапсен и осуден на 15 години затвор, а интернационалната организација Црвена помош организирала заминување на неговата сопруга во Москва, каде што го добила псевдонимот Луција Бауер“, вели Симиќ.

Таа работела во московска фабрика за радиоапарати, а со Тито се венчала (земајќи го неговото лажно презиме Валтер) во хотелот Лукс, каде што живееле функционерите на Коминтерната.

Голема дамка во неговата кариера

Симиќ додава дека Тито набргу ја напуштил Москва, но дека таа останала таму. Во првата половина на 1937 од Париз ѝ напишал четири љубовни писма, кои покажуваат дека таа била љубовта на неговиот живот.

„Во мојата книга е објавен и документ во кој Тито на репресивните органи на советскиот режим им ја објаснува врската и односите со својата прва жена Пелагија, но и со втората – Луција Бауер, која на крајот на 1937 била стрелана во Москва под лажно обвинение дека била германски шпион“, вели Симиќ и истакнува дека Тито за Луција кажал дека ќе „претставува голема дамка во неговата биографија“.

Страсна, но и гласна врска со љубовницата

Третата сопруга на Тито била богатата Словенка со еврејско потекло Херта Хаас, а за Тито, тврди Момчило Јокиќ, таа била најзначајна. Се запознале во Париз во 1937.

„Тие го добија синот Миша, кој и денес е жив. Меѓутоа, додека бил во брак со неа, тој веќе ја ‘обработил’ Даворјанка Пауновиќ Зденка. Таа му била секретарка“, тврди Јокиќ.

Бракот со Херта траел четири години, а неговата романса со Даворјанка повеќе не била тајна. Неговите тогашни соработници дури тврделе дека нивната љубов била исклучително страсна и многу често толку гласна што пријателите му укажувале на тоа.

Даворјанка во меѓувреме се разболела од туберкулоза и умрела, а Тито барал да биде погребена покрај неговата резиденција во Белград.

Доаѓањето на Јованка

По нејзината смрт тој наводно се обидел да ја врати и бившата сопруга Херта Хаас, која одбила тоа да го направи и последен пат го видела во 1946. Херта Хаас умрела пред нешто повеќе од две години во Белград, а за својот живот со Тито никогаш не зборувала јавно.

Јованка Будисављевиќ, подоцна Броз, ја запознал за време на десантот на Дрвар, каде што и првпат танцувале.

„Се претпоставува дека таа намерно била доведена во Белиот двор како домаќинка за да му се приближи, да ја придобие неговата доверба и малку да го смири, бидејќи, кога биле жените во прашање, во тоа време тој бил незаситен. Уште тогаш почнала нивната ‘игра’, вели Јокиќ.

Иако до крајот на неговиот живот останале во формален брак, односот меѓу нив почнал да се руши уште во седумдесеттите години и на крајот се свел на тоа таа во последните три-четири години од неговиот живот воопшто да не го види.

Големи контроверзии

„Постојат големи контроверзии околу Тито и неговиот љубовен живот, па луѓето тоа не можат ни да го сфатат. Интересно е тоа што сите негови жени и љубовници имале врска со работата, и мислам дека тоа не е случајно, туку дека е негова тактика. Интересно е што речиси сите биле црнки и сите имале бујни облини“, заклучува Јокиќ.

Од другите љубовници на Тито се спомнува руската глумица Татјана Окуљевска, која ја запознал во Москва и со месеци ја заведувал. Со грузиската атлетичарка Нина Думбаѕе имал кратка авантура, а поради ѕвездата на њујоршки Метрополитен, Зинка Кунц Миланов, наводно од стрелање го поштедил познатиот диригент Ловре Матачиќ.

28.09.2021 - 10:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега