Сѐ помал притисокот врз болниците: На инфективните одделенија лежат 330 пациенти

На инфективните одделенија во земјава се лекуваат вкупно 329 пациенти, и има слободни кревети. Во ковид центрите во Скопје во изминативе 24 часа се хоспитализирани 22 нови пациенти, а вкупно се лекуваат 207 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19.

Инаку, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 536 и има околу 870 празни болнички кревети во ковид центрите.

Од Министерството за здравство соопштија дека поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

-Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 180 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, соопштија од Министерството.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 40 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 38 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 7 пациенти, во Велес се лекуваат 42 болни, а во Куманово 49 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 40 пациенти, во Прилеп 27, во ковид центарот во Гостивар 10, а во Струга 15 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 21 пациент, во Кочани 12 во Кичево 9, Кавадарци 13, а во Гевгелија 6 лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Министерството за здравство информира дека има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало 8 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 8 примени пациенти и 6 биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 33 оздравени пациенти. Во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 58 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 75 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 69 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај децата-Козле има 4 пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид 19 вирусот.

Како што посочуваат од Министерството, сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.05.2021 - 10:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа