Скопје ги формираше меѓувладините работни групи за соработка со Бугарија

Во пресрет на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија на 25 јануари, и од Скопје и од Софија се испраќаат пораки за нов пристап во решавањето на билатералните отворени прашања. Владата на вчерашна седница донесе решение за назначување на копретседавачи и членови во заедничките меѓувладини работни групи за продлабочување на билатералната соработка меѓу земјава и Бугарија, а бугарскиот премиер Кирил Петков пред седницата на неговата Влада порача дека и Скопје и Софија мораме да го исполнат поголемиот дел од задачите што не се завршени.

Дополнително, вицепремиерот Маричиќ оцени дека новиот пристап кон решавањето на отворените прашања со Бугарија ветува позитивен исход и дава нова вредност во заложбата на Северна Македонија за пристапување кон ЕУ, додека министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека за неколку дена ќе има предлог за наш амбасадор во Софија.

Со Одлука на Владата на вчерашната седница се формирани заеднички меѓувладини работни групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. За копретседавачи на работните групи се именувани вицепремиерите и министри од соодветните ресори, а во нив ќе членуваат и претставници на ресорните министерства и соодветните агенции и институции.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа во интервју за Канал 5 нагласи дека целта на Владата е во работните групи, чијашто работата ќе се одвива практично на неделно ниво, да не бидат вклучени само политичари, туку и деловните заедници, стопанските комори и претставници на универзитетите и на младински организации, кои што можат да дадат придонес во зајакнувањето на добрососедските односни.

 

21.01.2022 - 08:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега