Скопските занаетчии бараат антикризни мерки за одржување ликвидност на бизнисите

Занаетчиската комора на Скопје бара антикризни мерки за одржување на ликвидноста на занаетчиските бизниси кај кои кризата со коронавирусот предизвика драстичен пад на побарувачката на услугите и производите на пазарот.  Занаетчиите,  порача денеска Комората, се немоќни самостојно да се справат со финансиските потешкотии и да ги одржат бизнисите ликвидни во вонредната состојба.

– Не можеме да кажеме дека сме задоволни со мерките што беа понудени од страна на Владата затоа што занаетчиите се соочуваат со ситуација да не можат да си ги платат основните обврски по основ плата и придонеси за себе и своите вработени. Имаме обврска и мора заеднички да најдеме решение и во услови на пандемија да спречиме затварање на занаетчиски бизниси и отпуштање на вработени поради неможност занаетчијата да го поднесе финансискиот товар, и да овозможиме да продолжат со дејноста и по завршувањето на пандемијата, соопшти денеска Занаетчиската комора на Скопје.

Како што дополнуваат, особено на удар се услужните занаетчиски дејности, правни и физички лица кои вршат занаетчиска дејност (фризери, козметичари, маникир и педикир, масери) кои допрва ќе почувствуваат финансисиски потешкотии за да ги одржат бизнисите ликвидни затоа што функционирањето во услови на пандемија на заразна болест е невозможно. Во најголем дел фризерските и козметичките салони занаетчиите ги затвориле самоиницијативно затоа што услугата што ја нудат е од типот на личните услуги и е во непосреден контакт со клиентите и функционирањето на овој тип занаетчиска услуга е речиси невозможна.

Во иста ситуација, укажуваат, е целиот занаетчиски сектор и тоа фотографи, слаткари, градежници, столари, автомеханичари, бравари,златари, филигранисти, и сите други занаети затоа што побарувачката на занаетчиски производи и услуги ја нема и занаетчиите воопшто не остваруваат промет од почетокот на пандемијата со вирусот. Во случај на преземени мерки на затварање на занаетчиските бизниси, неопходни се субвенции за придонеси и плати за месеците додека трае пандемијата на корона вирусот, за да ги задржиме занаетчиите и вработените во занаетчискиот сектор, велат од Комората.

Тие бараат ослободување од плаќањата на придонесите за вработените и самовработените во занаетчискиот сектор за време на траењето на пандемијата, субвенции за плати за вработени во занаетчискиот сектор како мерки за зачувување на работните места, итно формирање фондови за занаетчиство што ќе бидат користени во случај на криза, пандемија на заразна болест, кои ќе ги користат занаетчиите, поволни кредитни линии и можност за репрограмирање на обврските кои би ги овозможиле институциите и банките. Воедно предлагаат вклучување на локалната самоуправа, градот Скопје и општините со креирање на привремени мерки за ослободување од комунална такса за користење на јавни површини за занаетчии и комунална такса за фирма во периодот на почитување на мерките за спречување ширење на корона вирусот.

Претходно, помош за надминување на кризата со која се соочуваат занаетчиските бизни побара и Занаетчиската комора на Република Северна Македонија, исто така со предлози за ослободување од придонеси за плата и персонален данок на доход за март, април и мај или до моментот додека не се стабилизира состојбата во државата.  Комората предложи и времен престанок на работата на занаетчиите што се во директен контакт со  луѓето како: фризери, козметичари, педикири и маникири.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.03.2020 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега