„Слободен печат“: ДУИ ја мобилизира дијаспората – гласачи со 40 авиони и 100 автобуси ќе допатуваат во Кичево

Околу 40 авиони и стотина автобуси со иселеници Албанци се очекува да пристигнат в петок и в сабота во земјава за на 31 октомври во вториот круг на локалните избори да гласаат за кандидатот на ДУИ во Кичево Фатмир Дехари, објави порталот „Слободен печат“.

Очекувањата се дека најмалку 5.000 гласа од албанската дијаспора ќе му помогнат на дехари во борбата против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски кој во првиот круг победи со 250 гласа предност.

-– Дијаспората веќе е организирана и со авиони и автобуси од цела Европа ќе дојдат во Кичево за да му дадат поддршка на Дехари. Има најава дека и наши иселеници од САД ќе дојдат за гласањето. Дијаспората самоиницијативно се организира, не ја организира ДУИ. Очекуваме масовно да дојдат, бидејќи в понеделник е католичкиот празник Денот на сите светци, така што е неработен ден, па ќе можат да се вратат – велат од ДУИ за „Слободен печат“.

Инаку и лидерот на партијата, Али Ахмети преку социјалните мрежи ја повика дијаспората да се врати дома и да го поддржи нивниот кандидат за градоначалник.

„Заедно сме биле предизвикани во повеќе наврати и никогаш не сме се откажале. Сме застанале силно затоа што сме биле заедно, како цел народ посветен на нашиот роден град. Еден од најголемите предизвици што ги имавме овие години е враќањето на Кичево во наши раце и денес не треба да дозволиме историјата да се врати назад. Ве повикувам уште еднаш да се сплотиме за нашето Кичево и на 31 октомври сите патишта да нè носат дома“, напиша Ахмети на Фејсбук.

25.10.2021 - 15:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега