Собраниска делегација на Годишната сесија на ПС на НАТО во Лондон

Во рамки на редовните заседанија на Парламентарното собрание на НАТО, на Годишната сесија што ќе се одржи од 11 до 14 октомври 2019 година во Лондон, Обединетото Кралство, ќе учествува делегација на Собранието на Република  Македонија предводена од пратеникот Илија Димовски, шеф на делегацијата и заменик-членот на делегацијата Африм Гаши.

Седници ќе одржат петте постојани комисии на ПС на НАТО, кои ќе ги разгледаат предлозите на извештаите и предлог-резолуциите по следниве прашања: реафирмирање на вредностите на НАТО во светло на 70-годишното постоење на Алијансата, Украина: 5 години после достоинствената револуција, граничната соработка, нова нуклеарна ера: модернизација, контрола на оружјето и здружените нуклеарни сили, НАТО вежби – еволуција и научени лекции, развој на безбедноста во Северен Атлантик, економските санкции како средство на надворешна политика, северно-американските и европските приоди кон дигиталните маркети и сајбер-безбедноста, односите Русија – НАТО, како и вештачката интелигенција и импликациите кон воените сили на НАТО и други прашања поврзани со измени на Деловникот на ПС на НАТО.

Во рамки на Комисијата за економија и безбедност, ќе се разгледува ревидираниот Предлог-извештај за „Република Северна Македонија – политички промени, пристапување кон НАТО и економска транзиција”, по што на Пленарната сесија се очекува усвојување на Предлог-резолуцијата, соопшти денеска собраниското Одделение за јавно информирање и односи со јавноста.

Со Годишната сесија ќе претседава Медлин Мун, претседател на ПС на НАТО, а на Пленарната сесија се предвидени обраќања на Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО, Бен Валас, државен секретар за одбрана на Обединетото Кралство и д-р Алиа Буран, претседателка на Парламентарното собрание на Медитеранот.

ПС на НАТО е мултилатерално парламентарно собрание основано во 1955 година како консултативно собрание на НАТО и обединува 266 парламентарци од 29-те земји членки на НАТО, 53 парламентарци од асоцијативните делегации, 12 од регионални и медитерански партнери, 20 парламентарци од делегациите со статус набљудувач (меѓу кои и од ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ), како и 10-члена делегација од Европскиот парламент. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.10.2019 - 15:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега