Спасовски во Кавадарци: Со партнерски однос со лозарите ги решивме нивните проблеми
Потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски денеска во Кавадарци учествуваше на промоцијата на кандидатот за градоначалник на Кавадарци на коалицијата предводена од СДСМ Горан Тодоров.
-Со Тодоров, во Кавадарци излегуваме со најдобрата понуда за вашата општина, понуда која заедно со програмата и советничката листа ќе обезбеди забрзан напредок и иден развој на овој важен град во Повардарието, истакна Спасовски.
Нагласи дека работите се менуваат на подобро, во целата држава и тука во Кавадарци инвестиравме многу и во инфраструктурата и во земјоделството, во здравството, во детската заштита и образованието.
-Во овие четири години покажавме дека имаме храброст и визија за патот на напредокот по кој треба да се движиме. Преку упорност и визија ги реализиравме стратешките интереси, денес сме самостојна држава земја членка на НАТО, рече тој.
Денес, додаде Спасовски сме едно општество кое дава еднаква шанса за сите, како влада инвестиравме во сите општини без да има каква било поделба, така беше и со Кавадарци кој никогаш не беше игнориран или заборавен град.
-Низ партнерски однос со лозарите, ги решивме нивните проблеми кои се провлекуваа со години, како што беа долговите за предадено, а неплатено грозје од приватните винарии. Ги зголемивме и субвенциите, а со неповратни средства помогнавме на млади земјоделци и жени земјоделки, истакна Спасовски.
Тој наведе дека над 5,7 милиони евра се инвестирани во 36 километри патна инфраструктура, а се вложуваше и во комуналната инфраструктура, во нови водоводи и канализации.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа