СПМ не го прифаќа предлогот на СДСМ за „црвени линии“
Социјалистичката партија на Македонија ја отфрла Декларацијата за ткн.црвени линии, документ понуден од СДС.
Сметаме дека СДС е најмалку повикан да манифестира загриженост за македонските национални и државни интереси затоа што токму оваа политичка партија го изврши историски најголемото предавство на македонскиот народ и македонската држава бришејќи ги и АСНОМ-ските темели на македонската државност, вградени и во современиот Устав на Република Македонија, се наведува во соопштениот на СПМ, што МИА го пренесува интегрално.
Повторно ќе потсетиме на претчувството од длабоките национални изместувања што ќе ги донесе враќањето на власт на СДС со ДУИ, проценката за нужноста од изработка на Сеопфатната Платформа за заштита на македонските национални и државни интереси, пишан документ кој на политичлите партии им го понуди Социјалистичката партија на Македонија во февруари 2017 година. Особено потсетуваме на неразумното игнорирање и примитивното отфрлање од страна на СДС.
Ќе потсетиме и на Резолуцијата за заштита на националните интереси од 2021 година акламативно усвоена во македонското Собрание и од самите пратеници на СДС.
Што е тоа што дополнително би го предложиле од СДС што не е вградено во споменатите документи?
Уште позначајно е прашањето од каде СДС го црпи правото воопшто да отвара теми за кои го покажа својот апатридно анационален лик и недостатокот од основни чувства за припадност што веќе претставува траен белег за оваа политичка партија подеднакво на изјавата дека не им прилега манифестацијата на патриотски чувства.
Грижата за националните и државните интереси е грижа на македонскиот народ и граѓани, тоа веќе не претставува обврска на партијата која повеќе пати го има предадено сопствениот народ и држава.
Впрочем и самиот предлог повторно не го исклучува менувањето на Уставот, а со оставената можност за прекинување на ЕУ интегративниот процес, доколку се случи нова блокада што е сосема извесно и јасно наведено во Анексот 1 и 2, го прави понудениот документ несериозен, неодговорен и контаминиран со лицемерие.
Затоа што и со оваа понуда на СДС повторно, чекор по чекор, се остварува велико бугарската агенда на сметка на нашата заблуда во надежите за извесност на евроинтегративниот процес.
Социјалистичката партија на Македонија со чувство на одговорност и партија која во изминатиот период најдиректно ја почувствувала дволичноста на добрите намери на СДС предупредува на новата стапица која се поставува на македонскиот народ и со индигнација го отфрла предлогот за било каков заеднички документ, особено не со СДС и особено не на тема поврзана со заштита на македонските национални и државни интереси.
Социјалистичка партија на Македонија
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа