Србија нема сознанија дека кај нив има кинески полициски станици

Српското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека нема сознанија за наводни кинески полициски станици во Србија „за чие наводно постоење известуваат одредени медиуми“ и нагласува дека во Србија нема кинески полициски службеници.

Српското Министерство за внатрешни работи (МВР) наведува дека врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу МВР на Србија и Министерството за јавна безбедност на Кина за спроведување заеднички полициски патроли потпишан во 2019 година, шестмина кинески полицајци учествувале во заеднички патроли со српската полиција во траење од еден месец, од 17 септември до 16 октомври 2019 година, но оти кинеските полицајци ни тогаш немале право на употреба на средства за принуда.

Според Меморандумот, кинески полицајци имале задача да го олеснат контактот на своите сонародници и организации со српската полиција, како и со дипломатските и конзуларни органи на својата земја, се додава во соопштението.

Шпанската невладина организација „Заштитни бранители“ соопшти дека пронашла докази дека има над 100 кинески полициски станици во странство.

Како што пренесе Си Ен Ен, користејќи ги билатералните договори со држави во Европа и во Африка, Кина отворила стотина полициски станици во светот за да може да ги следи, застрашува и во некои случаи да ги враќа во Кина своите државјани кои живеат во странство.

04.12.2022 - 15:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега