Средба Џафери-Белен: Австрија смета дека местото на РСМ во ЕУ е одамна заслужено

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес оствари средба со претседателот на Република Австрија, д-р Александар ван дер Белен, кој во придружба на австриската министерка за правда и 23-члена бизнис делегација, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Претседателот Џафери се осврна на исклучително добрите билатерални односи, интензивната соработка на парламентарен план и традиционално силна трговија која ја позиционира Австрија како прв инвеститор во земјава. Тој го запозна високиот гостин со актуелната политичка состојба, особено на евроинтеграциски план, со следните активности во процесот на скрининг и следната фаза на пристапување кон ЕУ, со предизвиците кои стојат пред државата на внатрешен план во однос на процесот на уставни измени, како и на надворешно-политички план, како земја-членка на НАТО и аспирант кон ЕУ.

Претседателот Џафери ги истакна претседавањето со ОБСЕ и парламентарната димензија на ПСЈИЕ како клучни меѓународни активности на државата, кои ќе придонесат кон јакнење на нејзиното место во надворешната политика како кредибилен партнер и земја чии државни приоритети се регионалната соработка и безбедност, високата солидарност со украинскиот народ, следење на безбедносните политики на ЕУ и придржување кон ЕУ и НАТО политиките во однос на војната во Украина. Ја поздрави одличната економска соработка меѓу двете држави, како и динамичната соработка меѓу двата парламента, преку групите за соработка, комисиите и други парламентарни проекти. Изрази очекување за натамошна поддршка на пријателска Австрија на мултилатерален и билатерален план.

Претседателот, д-р Александер ван дер Белен, се заблагодари на можноста за средба и за обраќање пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и го истакна високото мислење за Република Северна Македонија за претседавањето со ОБСЕ, за кое изрази благодарност што истото се одвива во овие исклучително тешки времиња кога ОБСЕ е без Русија, а војната беснее на европско тло. Ја повтори натамошната цврста поддршка на Австрија на евроинтеграцискиот пат на земјите од целиот Западен Балкан и подвлече дека Австрија има цврст став за местото на Република Северна Македонија во ЕУ кое е одамна заслужено. Токму поради тоа, Австрија смета и укажува на своите ЕУ партнери дека не смее да се дозволи одредени актуелни безбедносни предизвици да го земаат приоритетот на проширувањето на Република Северна Македонија и другите држави-аспиранти од овој регион.

Во однос на економската соработка, д-р ван дер Белен, поучен од историјата на традиционално позитивни и продуктивни односи на Австрија со земјите од регионот на Балканот, поентираше дека Австрија никогаш не била заинтересирана за брз профит, туку за долгорочни инвестиции што овозможуваат трајни вредности и највисоко место меѓу другите инвеститори.

Соговорниците разменија мислења за натамошно унапредување на соработката меѓу двата парламента како важен и вокален дел на целокупната билатерална соработка, натамошни активности на групите за пријателство и соработка и користењето на сите предности на парламентарната дипломатија, како алатка за градење на цврсти врски на билатерален и мултилатерален план.

29.03.2023 - 16:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега