Средба Џафери-Кодели: Двете земји ќе покажат зрелост и ќе ја сменат перцепцијата на земјите членки на ЕУ кон регионот

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска имаше средба со претседателката на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Албанија Мими Кодели.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието, Џафери истакна дека оваа посета е од особено значење за него, имајќи предвид дека односите меѓу двете земји се одвиваат на највисоко ниво и се без отворени прашања. Тој стави посебен акцент на актуелниот статус на двете земји на интеграцискиот пат кон Европската Унија и додаде дека и покрај недобивањето датум за почеток на преговорите, верува во кредибилитетот на Унијата и капацитетот на Советот да го препознае моментот и да даде зелено светло за отпочнување, се наведува во соопштението.

Претседателката на Комисијата за надворешни работи на Собранието на Албанија, Кодели, изразила големо задоволство за реализирањето на оваа средба.

Кодели, како што се посочува во соопштението, ја поздравила работата на претседателот Џафери, особено во овој чувствителен период за двете земји кои продолжуваат со дури поголем интензитет во затворање на пукнатините во ѕидот кој моментално стои пред патот кон ЕУ.

– Кодели изрази уверување дека, оваа неизвесност ќе се надмине, убедена дека со актуелните случувања во Унијата и со евентуалното отпочнување на преговорите, двете земји ќе покажат зрелост во процесот и ќе ја сменат перцепцијата на земјите членки на ЕУ кон регионот, се наведува во соопштението.

На средбата, како што се посочува, со свој придонес се вклучиле и членовите на Делегацијата од Албанија составена од претставници од власта и опозицијата и со тоа всушност испратиле порака која важи и за нашата домашна политичка сцена, односно, кога се работи за големи, државнички и суштински прашања за иднината на двете земји, за иднината на регионот, сите политички фактори се на истата страна, на страната на разумот и компромисот и се ангажираат искрено и конструктивно во подобрувањето на политичката клима на домашната сцена.

Соговорниците се согласиле дека за регионот, нема друг пат освен полноправното членство во Европската Унија и во НАТО, при што, збогатувањето на билатералните односи во различните сфери како економијата, образованието, културата, туризмот, инфраструктурата и други области од заеднички интерес, може да биде само додадена вредност за земјите и за регионот во целина.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.11.2019 - 16:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега