ССМ: Работниците да не потпишуваат анекси и сомнителни договори за работа

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), по најавите за можни отпуштања на работници во текстилниот сектор, денеска упати апел до работниците да не се потпишуваат на никакви нови анекси или нови договори за вработување, а сите кои сметаат дека нивниот Договор за вработување на определено време не е законски да пријават до ССМ.

Од ССМ бараат итни измени на Законот за работни односи за ограничување на договорите за работа на определено време на една година. Најавува дека во Трудовиот инспекторат ќе ги пријават работодавачите кои не им ги продолжиле договорите за вработување на определено време на работниците, а тие сѐ уште им работат.  Со тоа синдикатот сака да ги оневозможи работодавачите во намерата да не ги продолжат договорите за вработување на определено време.

Од ССМ ги предупредува работодавците дека  ако отпуштаат текстилни работници сега никогаш повеќе нема да најдат нови да им работат.

–  ССМ гласно зборува дека договорите за вработување на определено време беа главна причина за огромниот број на невработени во време на пандемија, а поради тоа што сѐ уште овој вид на Договор за вработување не е ограничен на максимум една година, работодавачите најавуваат дека по овој основ ќе им бидат прекинати договорите за вработување на голем број на работници во наредниот период – велат од ССМ.

Претседател на ССМ, Дарко Димовски во пишана изјава вели дека најголема небулоза во Законот за работните односи е тоа што тие договори на определено време се неограничени и може секој месец да се продолжуваат.

– Се држи работникот во неизвесност, да не си ја планира својата иднина и да нема никаква заштита, ССМ, рамо до рамо со работниците заедно во борбата за намалување на времетраењето на договорите за вработување на една година – истакнува Димовски.

Ако сакаме да ги задржиме работниците во државата, истакнуваат од ССМ, треба веднаш ова најголемо зло по работничките права и по работничката егзистенција да се елиминира преку најбрзи измени на Законот за работните односи, за да не се доведеме во ситуација македонските работници, наместо да ја градат нашата, да градат некоја туѓа економија.

„Апелираме до работниците да не се потпишуваат на никакви нови Анекси или нови Договори за вработување, а сите кои сметаат дека нивниот Договор за вработување на определено време не е законски да пријават во ССМ, а ние ќе се бориме со сите расположливи средства да ги заштитиме овие работници„, стои во соопштението од ССМ.

05.07.2021 - 15:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа